Merve Aydoğan
15 Јануари 2018•Ажурирај: 16 Јануари 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја критикуваше неодамнешната изјава од САД дека меѓународната коалиција против ДЕАШ ќе формира т.н. гранична војска, која ќе ја сочинуваат припадниците на ПКК/ПЈД во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
„САД, пред сè не може да даваат изјави во име на меѓународната коалиција, бидејќи и ние сме во таа коалиција“, изјави Чавушоглу пред новинарите во Ванкувер, Канада.
Нагласи дека Вашингтон треба јасно да каже која страна ја поддржува.
„САД треба да се произнесат за страната за која се заземаат. Дали се на страната на сојузниците или на терористичките организации?“, рече турскиот министер за надворешни работи, додавајќи дека САД и Западот треба да бидат искрени во врска со прашањето за Сирија.
„САД и Западот треба да бидат искрени во врска прашањето: Дали се залагаат за поделба на Сирија или за нејзиниот територијален интегритет“, рече Чавушоглу.
На крајот напомена дека Турција ќе преземе сопствени мерки против терористичките организации, без оглед кој ги поддржува.
„Ние ќе преземеме сопствени мерки, без оглед на тоа кој ги поддржува терористичките организации. Не нè интересира дали станува збор за САД или некои други земји“, рече Чавушоглу.
Коментирајќи во врска со можната акција во Африн, Сирија, Чавушоглу истакна дека Турција ќе се бори против терористите на ПЈД во Сирија како што тоа го направи и против ПКК.
Американскиот воен претставник, Рајан Дилон, вчера изјави дека меѓународната коалиција против ДЕАШ, предводена од САД, со Сириските демократски сили (SDF) - група контролирана од страна на терористичката организација ПКК/ПЈД, ќе формира нови Сили за гранична безбедност од 30 000 припадници. Тој додаде дека околу 230 лица ќе учествуваат во обуката на овие сили и дека крајна цел е војската да собере 30 000 припадници.
Турција го осуди овој потег, истакнувајќи дека е погрешно и спорно да се соработува со терористичката организација ПКК/ПЈД во борбата против ДЕАШ.