Tuğrul Çam
25 Октомври 2017•Ажурирај: 26 Октомври 2017
АНКАРА (AA) - Министерот за Европска Унија и главен преговарач на Република Турција, Омер Челик, изјави дека прекинот или суспензијата на преговорите со Турција би бил самоубиствен чин за Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
„Доколку на Европа, која не може да ги реши ни сопствените проблеми, единствената преостаната одлука ѝ е да ги суспендира или да ги прекине преговорите за членството на Турција, тогаш тоа е самоубиство“, рече Челик, кој е гостин на утринскиот уреднички колегиум на АА.
Осврнувајќи се на понудите на некои кругови од Европската Унија, за повластено партнерство на Турција, Челик рече дека тоа е неморална понуда којашто за Турција е неприфатлива.
Челик истакна дека не значат ништо ниту предлозите на некои кругови за замрзнување на претпристапните фондови (ИПА), и посочи дека опседнатоста на Австрија со Турција не може да се анализира во политичка смисла, туку тоа е во потполност психијатриски случај.
На прашањето на новинарите да го коментира неодамнешниот нелегитимен референдум во Регионалната курдска управа на северот на Ирак, Челик рече дека со одлуката за референдум, претседателот на тој регион, Месут Барзани, на курдскиот народ му нанел најголемо зло.
„Одлуката за референдум Барзани не ја донел поради Курдите, туку за да ја осигура својата претседателска функција“, рече Челик.
Регионалната курдска управа утрово на Владата на Ирак ѝ предложи да ги замрзнат резултатите од референдумот, да ги прекинат воените операции и да започнат дијалог врз основа на Уставот на Ирак.
Турскиот министер Челик смета дека потегот што го донесе администрацијата на Барзани е чисто поради тактички причини.
„Тоа е тактички потег којшто не менува ништо. Потребно е јасно да каже дека референдумот не постои и да ја повлече одлуката за него“, рече Челик.