Bekim Laci
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Садула Дураку, во Скопје одржа средба со својата косовска колешка, Албена Решитај, со која разговараше за прашања околу животната средина кои ги поврзуваат двете соседни земји, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата, по средбата, министерот Дураку рече дека Македонија и Косово ги поврзува природата и затоа со гостинката од Косово разговарал за Шар Планина, чиј косовски дел е прогласен за национален парк, најавувајќи дека се работи на тоа и македонскиот дел да се прогласи како таков, што ќе го отвори патот за прекугранична туристичка соработка.
Дураку рече дека биле дискутирани и други теми во интерес на двете земји.
„Разговаравме за прашањето за водите, со кои се поврзуваме преку реката Лепенец, но, исто така, и за прашањето за воздухот и за други теми кои се однесуваат на Министерството за животна средина. Со тоа ќе се изврши усогласување на нашите политики, кои преку заеднички меморандум ќе бидат презентирани на заедничкиот состанок на македонската и косовската Влада, на кој ќе се изврши потпишувањето”, рече Дураку.
Косовската министерка Албена Решитај, ја истакна важноста на министерствата за животна средина, додавајќи дека тесната соработка меѓу Косово и Македонија ќе помогне во соочувањето со проблемите на двете земји.
Таа го нагласи слабеењето на физичките граници што ги делат двете држави.
„Секој ден, сѐ повеќе и повеќе, наш предизвик и на сите развиени земји се законите на природата и климатските промени. Ова истовремено прави да сфатиме колку безначајни се физичките граници кога станува збор за здравјето на граѓаните, благосостојбата и квалитетот на животот. Затоа, ние како министри, имаме посебна мисија, да се обидеме да ја промениме животната средина за доброто на нашите граѓани”, рече Решитај.
Како што беше најавено од косовската делегација, за време на престојот во Скопје, Албена Решитај, исто така ќе се сретне и со вицепремиерот Хазби Лика и со претседателот на Собраниетона Р. Македонија, Талат Џафери.