Ekipa
26 Ноември 2017•Ажурирај: 27 Ноември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, порача дека е подготвен да поднесе оставка и да се повлече од политиката доколку опозицијата ги докаже тврдењата дека поседува средства на банкарски сметки во странство, јавува Anadolu Agency (AA).
Во обраќањето на собирот кој во Истанбул е организиран по повод Меѓународниот ден на борбата против насилствотo врз жените, Ердоган изјави дека тој како претседател на државата, насилството врз жените го оценува како предавство на човештвото и дека мора да биде казнет секој кој ќе ги извалка рацете со тоа предавство.
„Доколку во нашата земја има погрешни сфаќања или мерки, а посебно кон жените, мора причините да ги бараме подлабоко во тој проблем, а не во нашата вера или култура. На жените мора да им се загарантира нивната позиција во заедницата. Без нив знаеме дека не можеме да ги оствариме нашите цели, бидејќи без жените нема ни половина општество“, порача Ердоган.
Истакнувајќи дека е подготвен нов акциски план, Ердоган изјави дека принудното рано склопување на бракови е уште еден проблем кој Турција мора да го остави зад себе.
„Знајте дека во главата има проблем оној кој заговара, промовира или не реагира на насилството или на каков било вид на дискриминација на жените во општеството. Нема тука никаква разлика дали тоа лице е пастир или универзитетски професор, некој кој завршил верско училиште или атеист“, заклучи Ердоган.
Турскиот претседател се осврна и на неодамнешните тврдења на лидерот на турската опозиција, Кемал Киличадароглу, кој го обвини дека сопствените пари ги извлекува во странска банка и ги избегнува даноците.
„Еве, на тоа лице, чие име ни сакам ниту да го изговорам, му порачувам дека сум подготвен пред народот да го сторам потребното доколку во рацете има докази за тоа што го тврди. Доколку ги немаш тие докази, тогаш мораш да излезеш пред народот и да упатиш извинување за клеветата“, порача Ердоган.
Тој против Киличдароглу поднесе и тужба за клевета и нарушување на личниот и семеен углед и бара оштета во износ од 1,5 милиони лири (речиси 0,4 милиони долари).
„Докажете во која банка во странство постои сметка на Таип Ердоган. Доколку не можете да докажете, тогаш треба да се повлечете од политиката. Јас ќе се повлечам и од функцијата и од политиката доколку тоа го докажете. Повелете на мегдан!“, порача турскиот претседател Ердоган.