Fatjon Cuka
04 Октомври 2016•Ажурирај: 05 Октомври 2016
ТИРАНА (АА) - Делегацијата на Владата на Република Македонија, предводена од министерот за странски инвестиции, Арлинд Зеќири, во присутсво и на заменик-министерот за финансии, Гзим Беадини и заменик-министерот за транспорт, Фатон Положани, денес во Тирана беше примена од министерот за транспорт и инфраструктура на Албанија, Сокол Дервишај, јавува Anadolu Ageny (AA).
Во официјалното соопштение од албанското министерство за транспорт и инфраструктура се вели дека двајцата министри на средбата што се одвиваше без присуство на медиумите, истакнале дека треба да се направи повеќе за инфраструктурните проекти, за да се зголеми трговската размена меѓу Македонија и Албанија.
Министерот за странски инвестиции на Република Македонија, Арлинд Зеќири, рече дека различни македонски компании имаат интерес да инвестираат на албанското крајбрежје.
Министерот за транспорт и инфраструктура на Албанија, Дервишај, фокусирајќи се на конкретни проекти, ја истакна посветеноста на албанската Влада за започнување на работите за градење на патот „Арбер“, од пролетта 2017 година, сметајќи го како важен пат што ги зајакнува врските помеѓу Албанија и Македонија, како и со регионалните коридори.
Дервишај изјави дека Берлинскиот процес е многу важен за зајакнување на соработката за поврзување на регионот, за кој е потребен, како што рече тој, заеднички ангажман.
Во соопштението исто така се вели дека за време на средбата се разговарало за создавање на заедничка работна група на техничко ниво, за да се координира работата за железничкото поврзување меѓу двете земји.