Duygu Yener
11 Април 2017•Ажурирај: 12 Април 2017
ШАНЛИУРФА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека по референдумот на 16.април, на кој се очекува голема поддршка за спроведувањето на уставните реформи во Турција, на дневен ред во парламентот ќе дојде предлог-одлуката за воведување смртна казна во таа земја, јавува Anadolu Agency (AA).
„Откако на 16. април од гласачките места ќе одекне референдумското 'да' за уставни промени, на дневен ред во парламентот ќе се најде предлог-одлуката за смртна казна. Почитуваниот Девлет Бахчели (претседател на опозициската партија МХП) вели дека го поддржува тоа, како и почитуваниот Бинали Јилдирим. Доколку не сфатив погрешно, и Кемал Киличдароглу (претседател на опозициската партија ЏХП) изјави дека би дал поддршка на таквата одлука. Ако не ја поддржи, ќе организираме уште еден референдум во врска со тоа прашање“, порача Ердоган за време на обраќањето на денешниот собир што се одржа во Шанлиурфа.
Осврнувајќи се и на офанзивата „Штитот на Еуфрат“, која турските сили со опозициските сили на Слободната сириска армија ја спроведоа против терористите во северниот дел на Сирија, Ердоган изјави дека во таа офанзива загинале 67 херои на турската војска и повеќе од 500 припадници на сириските опозициски сили.
„Тоа е последниот цех што го плативме во илјадагодишната борба што ја водиме рамо до рамо. Тие операции ќе ги продолжиме сѐ додека терористичките организации не му ги препуштат сите градови на народот“, изјави Ердоган.
Ердоган исто така порача дека на ДЕАШ, ПКК или на која било друга терористичка организација не смее да им се дозволи да мавтаат со знамињата и да дејствуваат во кој било град.