Nilay Kar
25 Март 2018•Ажурирај: 25 Март 2018
ГИРЕСУН (AA) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, денес изјави дека од почетокот на операцијата „Маслинова гранка“, во северозападното сириско подрачје на Африн неутрализирани се 3.747 терористи, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган на своето обраќање пред присутните на Конгресот на турската владејачка Партија за правда и развој (АК Parti) во Гиресун изјави дека Турските вооружени сили воспоставиле контрола врз целото подрачје на Африн.
Операцијата во Африн започна на 20 јануари во согласност со турското право, засновано на меѓународното право и на резолуциите на Обединетите нации (ОН), особено на оние што се однесуваат на борбата против тероризмот: 1624 (2005), 2170 (2014) и 2178 (2014).
Турција се повикува и на членот 51 од Договорот на ОН односно на правото на самоодбрана. Операцијата се спроведува со целосно почитување на територијалниот интегритет на Сирија.
Силите лојални на режимот на сирискиот претседател Башар ал Асад, во јули 2012 година, без борба, на терористите од ПЈД/ПКК им ја препуштија контролата врз Африн, по што овој град стана еден од главните центри на терористичката организација.
ПЈД/ПКК е сириски огранок на терористичката организација ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, САД и во Европската Унија (ЕУ). ПКК, уште од средината на 1980-тите години, води терористичка кампања против Турција.
Ердоган денес најави продолжение на одлучната борба против тероризмот.
Тој истакна дека голема поддршка во операцијата турските сили добиваат од Слободната сириска војска, чии 614 борци загинаа во минатогодишната операција „Штитот на Еуфрат“, а најмалку 302 борци загинаа во операцијата „Маслинова гранка“ во Африн.