Ekipa
20 Декември 2018•Ажурирај: 21 Декември 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, денес во Анкара се состана со својот ирански колега Хасан Рохани, а по средбата истакна дека досега Турција не покажала толеранција, ниту пак ќе ја покаже во иднина, кон каква било формација која за цел ги има стабилноста и безбедноста на земјата и регионот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Досега не покажавме толеранција, ниту пак ќе ја покажеме во иднина, кон каква било формација која за цел ги има стабилноста и безбедноста на земјата и регионот. Во тој поглед, ќе продолжиме да ја зголемуваме билатералната соработка со Иран и дојдовме до точката во која постои волја за отстранување на заедничките прашања со кои се соочуваме“, истакна Ердохан на заедничката прес-конференција со Рохани во Анкара.
Турскиот претседател рече дека Анкара и Техеран можат да направат многу заеднички чекори за да се стави крај на судирите и да се обезбеди мир во регионот.
„Има многу чекори што Турција и Иран можат да ги направат за завршување на судирите во регионот и за воспоставување мир“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател, исто така се осврна и на американските санкции кон Иран повторувајќи го ставот дека Турција не ги одобрува санкциите на САД бидејќи тие водат кон дестабилизација на регионот.
„Уште еднаш истакнувам дека како Турција, не ги поддржуваме таквите одлуки, бидејќи одлуката за воведување санкции на САД насочени кон Иран во опасност ги доведува безбедноста и стабилноста на регионот“, истакна тој и додаде дека Турција ќе продолжи да биде до братскиот ирански народ во овој период кога се интензивирани притисоците, неправедни врз Иран.
Во август САД повторно воспоставија прв круг на санкции кои главно беа насочени кон иранскиот банкарски сектор. Втората фаза на санкции, кои беа насочени кон енергетскиот сектор на Иран, стапи на сила на 5 ноември.
На осум земји кои значително го намалија увозот на иранска нафта, дадени им се привремени отстапувања за да им биде дозволено да продолжат со увезување иранска нафта по стапување на сила на санкциите.
Иранскиот претседател Хасан Рохани на заедничката прес-конференција истакна дека на денешната средба во Анкара е разговарано за голем број важни билатерални и регионални теми.
Тој се заблагодари на Турција за поддршката во однос на американските санкции кои официјален Техеран ги смета за неправедни поради кршењето на меѓународните норми.
Рохани тврди дека јакнењето на иранско-турските односи претставува важна работа за воспоставување на мирот и стабилноста во регионот.
Иранскиот претседател истакна дека Иран е во блиска соработка со Турција и Русија за решавање на кризата во Сирија. Тој најави дека наредниот трилатерален Самит за Сирија ќе се одржи во Русија.
„Сирија за нас е важна тема. Судбината на оваа земја може да ја одреди само сирискиот народ. Сите мора да ја почитуваат територијалната целовитост на Сирија, и тука сме согласни со Турција, кога станува збор за неопходноста од зачувувањето на целовитоста на Сирија“, рече Рохани.
Рохани истакна дека со Ердоган договорил соработка и за воспоставување мир во со војна зафатениот Јемен.
„Да помогнеме во воспоставувањето дијалог меѓу страните во Јемен и во доставувањето на хуманитарната помош“, рече Рохани.