ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, кој денеска во Истанбул се состана со украинскиот колега Петро Порошенко, по состанокот порача дека Турција не ја признава нелегалната анексија на Крим, и дека ќе продолжи да ги зацврстува своите односи со Украина, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и Порошенко денеска се состанаа во палатата Мабејн во Истанбул. По билатералниот состанок, одржан е и 7. состанок на Советот за стратешка соработка на високо ниво меѓу Турција и Украина. По состанокот, Ердоган и Порошенко зборуваа на заедничката конференција за новинарите.
„Ќе продолжиме да ги јакнеме односите со Украина“, порача Ердоган по состанокот, и додаде: „Повторно нагласивме дека не признаваме и нема да признаеме незаконска анексија на Крим.“
Ердоган истакна дека за време на состанокот станало збор и за судирите на истокот од Украина и во врска со тоа, го повтори ставот на Турција: „Наша желба е судирите во источниот дел на Украина што поскоро да се решат со мирни и дипломатски методи“, порача Ердоган.
Тој потсети дека за време на состанокот станало збор и за регионалните теми, нагласувајќи дека Турција силно го потврдила својот став кога станува збор за заштитата на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичкото единство на Украина.
Една од темите за кои се разговарало за време на денешната средба е и борбата против терористичката организација ФЕТО, а Ердоган рече дека Украина, како пријателска земја, ѝ дала поддршка на Турција.
„Верувам дека во наредниот период нашата соработка ќе продолжи во контекст на целосно завршување на дејствувањето на ФЕТО во Украина“, порача Ердоган.
На новинарското прашање во врска со последниот телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, Ердоган рече дека во текот на разговорот станало збор за ситуацијата во северниот дел на Сирија.
„Наша цел е припадниците на терористичката организација ПЈД/ЈПГ што побргу да го напуштат Мунбич“, подвлече Ердоган.
- Порошенко: „Турција е еден од клучните партнери на меѓународната сцена“
Украинскиот претседател Порошенко рече дека 7. состанок на Советот за стратешка соработка на високо ниво меѓу Турција и Украина бил многу продуктивен.
Украинскиот претседател за Турција рече дека таа не е само сосед на Украина, туку во исто време и еден од клучните партнери на меѓународната сцена.
Порошенко рече дека во многу пријателска атмосфера, тет-а-тет разговарале два часа со турскиот претседател Ердоган, по што следувала средба на делегации, која, исто така траела два часа.
„Тоа покажува дека навистина имаме широка агенда во билатералните односи. Господине претседателе на Турција, уште еднаш се уверив дека Украина и јас, лично, имаме добар пријател и доверлив сојузник.“
Тој додаде дека за време на средбата станало збор и за потпишувањето на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји.
„Средбите покажаа дека постои заедничко разбирање и високо ниво на доверба. Во исто време, се увиде дека постојат можности за ефикасно отстранување на постоечките пречки на полето на политиката, економијата, социјалата и безбедноста“, изјави украинскиот претседател Порошенко.
Истакнувајќи дека предност ќе им бидат дадени на бебедносната и техничката соработка, Порошенко му се заблагодари на претседателот Ердоган за дадената поддршка за територијалниот интегритет на Украина и за непризнавањето на незаконската анексија на Крим.
Порошенко истакна дека е постигнат и значителен напредок во либерализацијата на билатералниот товарен транспорт, и додаде дека таквиот напредок ќе ги зголеми потенцијалите на двете земји.
news_share_descriptionsubscription_contact


