Ekipa
22 Јануари 2018•Ажурирај: 23 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека Турција нема аспирации кон територијата на Сирија, и порача дека операцијата на турските сили во Африн ќе биде завршена откако ќе се постигнат целите, јавува Anadolu Agency (AA).
„Се обраќам кон целиот свет, нашата земја нема за цел ниту една педа од нечија територија, никогаш тоа не го правевме“, рече Ердоган на церемонијата на доделувањето на наградите на Индустриската комора во Анкара.
Тој истакна дека операцијата „Маслинова гранка“ во Африн ќе биде завршена откако бидат постигнати целите, исто како што беше случај и со операцијата „Штитот на Еуфрат“, која ја спроведоа турските сили минатата година во северна Сирија.
Тој исто така нагласи дека операциите на турските сили не се насочени против Курдите, туку против терористите.
„Отворено велам дека немаме никакви проблеми со нашите државјани Курди, и не станува збор за никаков курдски коридор, туку станува збор за уништување на терористичкиот коридор“, порача Ердоган.
Нагласувајќи дека операцијата за уништување на терористичките организации во Африн е интерес на националната безбедност на Турција, Ердоган рече дека територијалниот интегритет на Сирија и безбедноста на луѓето и имотот се нејзините главни цели.
Ердоган ги критикуваше американските власти кои бараат од Турција просторно и временски да ја ограничи операцијата.
„Би ги прашал САД, дали имаа одредено време на операциите во Авганистан и кога тоа ќе заврши. Влеговте во Ирак пред да дојдеме на власт. Сè уште сте таму, и дали ви истече вашиот период на операцијата“, рече Ердоган.
Истакнувајќи дека турските сили немаат намера да останат во Сирија, Ердоган рече дека знае кога и како ќе се повлечат, а за тоа нема намера да бара одобрување.
Турскиот претседател понатаму тврди дека критичарите на турската операција во Африн не се грижат за иднината на сирискиот народ, ниту за решавање на проблемите во таа земја.
Тој рече дека турските безбедносни сили во границите на Турција и надвор од нив спроведуваат една од најголемите борби во поновата историја на оваа земја.
Ердоган додаде дека во тек е историска операција која нема негативно да влијае на турската економија.
„Никој не може да знае кога ракети, како оние што вчера го погодија нашиот Рејханли, за цел ќе имаат некој европски или американски град. Наскоро, терористичките групи ќе бидат елиминирани, а курдскиот, арапскиот и туркменскиот народ ќе ни бидат благодарни за тоа“, рече Ердоган.
Турските вооружени сили во саботата ја започна операцијата „Маслинова гранка“, со цел неутрализирање на терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во пограничното сириско подрачје на Африн.