Zehra Ulucak
25 Септември 2018•Ажурирај: 26 Септември 2018
ЊУЈОРК (АА) - Истрагата на американските власти покажа дека мјанмарската војска за цел ги имала муслиманите од Аракан (Рохинџа) и дека врз нив се водела координирана кампања на масовно убивање, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерството за надворешни работи на Соединетите Американски Држави (САД) подготви извештај врз основа на разговорите со над илјада аракански муслимани кои во последните две години поради насилство во Мјанмар побегнале во Бангладеш.
Во извештајот на 20 страници се вели дека поголемиот дел од соговорниците за убиствата и насилството за одговорна ја сметаат војската.
Бегалците изјавија дека припадниците на безбедносните сили на Мјанмар користиле фрлачи на пламен за да ги убијат и да ги ранат араканските муслимани, како и да ги запалат нивните куќи, а користеле и други средства за предизвикување пожар.
Муслиманите од Аракан биле сведоци на силувања, обезглавувања или одсекувања на други делови од телата на луѓето, на убивање или претепување на бебиња и деца, како и на нападите на војската врз жените за време или по нивното породување и нивните деца.
„Истрагата покажа дека неодамнешното насилство во северната мјанмарска држава Аракан било екстремно, големо, распострането и насочено кон тероризирање на популацијата и прогон на Рохинџа популацијата“, се наведува во извештајот.
Одредени осомничени лица користеле тактики како што се заробување на луѓето во домовите и нивно палење, потопување чамци во кои се наоѓале араканските муслимани што доведе до масовно страдање.
„Обемот и величината на воените операции покажуваат дека биле добро планирани и координирани“, се наведува во извештајот.
Исто така, сателитските снимки покажуваат дека од август 2017 година за два месеци во Аракан биле запалени над 38.000 објекти.
Постојаната претставничка на САД во ОН, Ники Хејли на сесијата за Аракан одржана минатиот месец во Советот за безбедност на ОН изјави дека светот не смее немо да ја набљудува болната вистина во Мјанмар.
Податоците на ОН покажуваат дека од 25 август 2017 година од Аракан во Бангладеш побегнале над 700.000 лица. На сателитските снимки на меѓународните организации за заштита на човековите права може да се види дека се уништени неколку стотици села.
Обединетите нации (ОН) и меѓународните организации за заштита на човековите права насилството врз муслиманите од Аракан го нарекуваат етничко чистење или геноцид.