Ekipa
12 Август 2017•Ажурирај: 13 Август 2017
ИСПАРТА (АА) - Критиките кои европските земји ги упатуваат до нашата земјата во најголем дел се однесуваат на нивната внатрешна политика, порача денес во Испарта турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој потсети и на случувањата во Холандија, пред митингот во врска со априлскиот референдум во Турција за уставни реформи, велејќи дека односите меѓу двете земји тогаш непотребно се влошени. Ердоган појасни дека во минатото и други европски земји, како што се Франција и Австрија, направиле нешто слично.
„Сега, истата тактика ја применува и Германија. Верувам дека по изборите и тие ќе се вратат во нормала“, додаде турскиот претседател.
Ердоган истакна дека сето она што неправедно е преземано кон Турција, а во тој контекст алудираше на застрашувањето на туристите, не може да се доведе во врска ниту со политиката, ниту со трговијата.
Како што нагласи, сите економски показатели се позитивни, кога станува збор за растот на извозот, но и на вработувањето во производството.
„Истата ситуација ја имаме и во туристичкиот сектор“, изјави Ердоган, укажувајќи на негативните кампањи кои се водени, и оние кои стоеле зад нив, а кои со летувањето во Турција и самите покажале дека не веруваат во она што го рекле.
Турскиот претседател истакна дека Турција низ историјата се соочувала со многу ситуации и секогаш успешно ги надминувала.
Целта на вонредната состојба во земјата, како што рече Ердоган, е да се заштитат инвестициите на бизнисмените и инвеститорите, а не да им се нанесе штета.