АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека денешниот конгрес на турската владејачка Партија на правдата и развојот (АК Parti), е нов почеток и продолжување на градењето на силна и стабилна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Како единствен кандидат за избор на функцијата претседател на турската владејачка Партија на правдата и развојот, Ердоган истакна дека Партијата АК не е партија само на нејзините гласачи, туку и партија на сите 80 милиони луѓе во Турција.
„Пред речиси три години, на 27 август 2014 година, во оваа иста сала се разделивме со пораката дека секој крај е нов почеток. Тоа беше разделба само во правна смисла, бидејќи во нашите срца, никогаш не се разделивме. Еве денес, по точно 998 дена, повторно сме во оваа сала и велиме дека продолжуваме понатаму“, порача Ердоган во своето обраќање пред делегатите и присутните во Спортската сала во Анкара и пред илјадниците поддржувачи кои се собраа на платото пред салата.
Ердоган исто така кажа дека борбата против терористичките организации ФЕТО, ПКК или ДЕАШ не е никаква лична пресметка, туку борбата против тие предавнички и злосторнички групи е борба за безбедноста и благосостојбата на народот и на државата.
„Сѐ што правиме, правиме за нашиот народ и државата Турција. Не треба да се заборави дека не потклекнавме во однос на одбраната на правната држава и дека Турција како таква опстана и покрај сите искушенија. Ќе ја продолжиме борбата против тероризмот во законските рамки, без оглед колку и терористите да покажат подлост и зло“, рече Ердоган и додаде дека Турција би можела да се соочи со нови проблеми доколку не продолжи со одлучната борба против тероризмот.
Турскиот претседател рече дека терористите и сепаратистите, вклучувајќи ги ПКК, ФЕТО и ДЕАШ, од корен ќе бидат поразени и дека нема да им биде дозволено да ја загрозат стабилноста на Турција и единството на нејзиниот народ.
Тој се осврна на вонредната состојба во Турција и нагласи дека таа е во сила исклучиво поради ефикасната борба против тероризмот, и дека во ниту еден сегмент таа состојба не влијае на секојдневните обврски и животот на граѓаните.
Тој додаде дека на Запад, по примерот на Франција, се воведуваат вонредни состојби, а тоа на Турција безобѕирно ѝ се приговара кога ќе воведе таква состојба поради предавничкиот напад со цел уривање на државниот поредок.
Порача дека вонредната состојба во Турција ќе биде во сила сѐ до конечната победа врз тероризмот и до обезбедување на мирот и стабилноста.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека Турција веќе не мора да ја толерира дволичната политика на Европската Унија, која ja обезвреднува честа на турскиот народ и на државата.
„Или ЕУ ќе го одржи зборот кој ни го даде, ќе воспостави слободно движење на луѓето, ќе ја испрати ветената помош за бегалците, ќе ги отвори поглавјата и ќе ги деблокира преговорите, или секој ќе продолжи по својот пат. Нашиот избор е, и покрај сè, да продолжиме со соработката со Европската Унија, но одлуката за тоа е во рацете на Европската Унија“, порача Ердоган во Анкара.
Потсетувајќи на неодамнешните официјални посети на Индија, Русија, Катар, Кина и на САД, Ердоган истакна дека на Турција ѝ се отворени големи врати на меѓународната сцена и порача дека Турција денес е многу посилна од онаа Турција во минатото, и дека никој не треба да се сомнева во тоа дека утре ќе биде уште посилна.
Една од работите со којашто ќе се занимава Турција во наредниот период, според зборовите на Ердоган, е интензивирање на надворешната политика на меѓународната сцена.
Најавувајќи ги реформите во телата на Партијата АК на сите нивоа, Ердоган рече дека наскоро ќе објави шестмесечен план за мапа на патот по кој Турција ќе го продолжи патот на стабилизација и развој.
На денешниот конгрес во Акнара Партијата АК ги бира раководните тела, вклучувајќи ја и позицијата претседател, на којашто се очекува враќање на Ердоган, а заминување на актуелниот челник Бинали Јилдирим.
Ердоган од чело на партијата отстапи на 27 август 2014 година, кога на првите претседателски избори беше избран за претседател на Турција, а челната позиција во партијата му ја препушти на тогашниот премиер Ахмет Давутоглу.
Враќањето на Ердоган на чело на партијата по 998 дена беше овозможено на референдумот, на кој на 16 април турските гласачи одобрија спроведување на уставни реформи со кој се предвидува воведување на претседателски систем и му овозможува на претседателот на државата активно членување во политичка партија.
Вториот вонреден конгрес на Партијата АК се одржа во мај минатата година, кога на чело на партијата беше именуван Бинали Јилдирим.