Aynur Ekiz
16 Јануари 2019•Ажурирај: 17 Јануари 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес во Анкара се состана со претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар-Китаровиќ, која престојува во официјална посета на Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
По средбата е истакнато дека соработката меѓу двете земји е на високо ниво, но дека се настојува истата да се продлабочи.
Турскиот претседател Ердоган на заедничката прес-конференција со Грабар-Китаровиќ истакна дека Дејтонскиот договор мора да се ревидира.
„Дејтонскиот мировен договор задолжително треба да се ревидира. Многу јасно дека Дејтонскиот договор во досегашниот период не донесе решение за иднината на Босна и Херцеговина“, подвлече Ердоган.
Во врска со ова, Ердоган нагласи дека е потребно активно вклучување на ОН во врска со БиХ и Дејтонскиот мировен договор, односно негова ревизија.
Една од темите кои ги интересираше новинарите е коментарот на Ердоган во контекст на изборот на Жељко Комшиќ за член на Претседателството мна Босна и Херцеговина од редот на хрватскиот народ на октомвриските избори, тема за која официјален Загреб го изнесе своето незадоволство и го пренесе дури и во Европскиот парламент.
„Ние ја почитуваме волјата на граѓаните на БиХ и сакам да ја нагласам важноста на заедништвото на сите народи во оваа земја“, порача Ердоган.
Тој додаде дека народите во БиХ треба меѓусебно да се се гледаат со очи на мир, и дека Турција во тоа помага.
Турскиот претседател зборуваше за трилатералата Турција - БиХ - Хрватска, и рече дека на оваа трилатерала може да се зборува подетално, откако ќе биде формирана власт во БиХ.
Грабар-Китаровиќ од своја страна истакна дека има пораст во трговската размена меѓу Турција и Хрватска, но дека на ова поле може да се стори многу повеќе.
„Односите меѓу Турција и Хрватска се без отворени прашања. Се согласивме дека и понатаму треба да продолжиме да вложуваме заеднички напори во продлабочување на односите во сите области, особено во економијата и економските односи, со цел зголемување на размената и инвестициите. Сакаме што поскоро да се приближиме кон целната размена од милијарда американски долари. Исто така, сакаме да ги искористиме нашите потенцијали. Разговаравме и за соработка во енергетиката и во сообраќајното поврзување“, рече хрватската претседателка.
„Важно е Хрватска и Турција да го задржат дијалогот на највисоко ниво со оглед на глобалната важност на Турција. Мило ми е што ја продлабочуваме и културната соработка“, смета Грабар-Китаровиќ.
Таа истакна дека со турскиот претседател разговарала и за ситуацијата во Југоисточна Европа и на Блискиот Исток.
„Силно ја поддржувам европската перспектива за сите земји од европскиот југоисток, како и евроатлантската за земјите што ја нагласија оваа цел. Цврсто верувам дека единствено евроатлантската перспектива на државите од Југоисточна Европа претставува гаранција за трајната стабилност и безбедност, и за благосостојбата на целото подрачје“, нагласи Китаровиќ.