Admir Fazlagic
30 Септември 2018•Ажурирај: 01 Октомври 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, вечерва по завршувањето на гласањето на референдумот изјави дека е спроведен мирен и демократски референдум, порачувајќи дека доколку видливо мнозинство од граѓаните гласале „за“ тогаш нивната волја треба да се спроведе во Законодавниот дом, а во спротивно ќе бидат организирани предвремени парламентарни избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев вечерва имаше свое кратко обраќање до јавноста од штабот на коалицијата „За Европска Македонија“ изјавувајќи дека граѓаните и институциите денеска спроведоа мирен и демократски референдумски ден.
Тој додаде дека граѓаните гласаа достоинствено и слободно истакнувајќи дека гласот даден на референдумот е конечен, а волјата на граѓаните е неприкосновена и мора да биде почитувана од сите.
„Гласот на граѓаните, волјата на оние кои гласаа на овој консултативен референдум, треба да се претвори во политичка активност во Законодавниот дом. Ако навистина, како што очекуваме, имаме видливо, огромно, големо мнозинство, тогаш јасна е иднината, гласот на пратениците во Собранието треба да биде глас да ги забрзаме процесите во НАТО и ЕУ и за подобар живот за сите граѓани на Република Македоинија“, истакна Заев и порача: „Очекувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да ја почитуваат демократската одлука на мнозинството граѓани кои гласале, во спротивно, ќе треба да ја употребиме другата демократска алатка, а тоа значи предвремени парламентарни избори, веднаш.“
Државната изборна комисија (ДИК) на Република Македонија претходно соопшти дека на референдумот во врска со спорот за името и членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 18:30 часот правото на глас го искористиле 34,09 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, односно 519.435 гласачи.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот имаа право на глас во 3.513 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласеше: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржа по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.