Besar Ademi
30 Септември 2018•Ажурирај: 30 Септември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Од Државната изборна комисија (ДИК) на Македонија велат дека на референдумот во врска со спорот за името и членството во НАТО и Европската Унија (ЕУ) до 18:30 часот правото на глас го искористиле 34,09 отсто од вкупниот број на регистрирани гласачи, односно 519.435 гласачи, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на ДИК, Оливер Деркоски, нагласи дека овие резултати се од 84,83 отсто обработени гласачки ливчиња од страна на оваа институција, и додаде дека излезноста на гласање од избирачките центри од кои стигнаа податоците, изнесува 34,09 отсто.
Деркоски рече дека во текот на денот процесот на гласање се одвивал во добар ред и без пречки, со исклучок на неколку мали прекини поради технички проблеми и некои мали инциденти кои не го спречија процесот на гласање.
Според податоците на ДИК, највисоката стапка на излезност на граѓаните е 67,62 отсто, во општина Сарај во Скопје, додека најниската стапка на излезност е во општина Ново Село, каде што правото на глас го искористиле само 16,22 отсто.
Оваа е последната прес-конференција од вкупно шест на оваа институција, на која информираа за процесот и излезноста на гласачите.
Подоцна се очекува ДИК да излезе со прелиминарни резултати од референдумот.
Вкупно 1.806.836 гласачи во Македонија до 19:00 часот имаа право на глас во 3.513 избирачки места во 80 општини во земјата.
Прашањето на референдумот, кој е трет по ред на државно ниво во текот на 27 години независност на Македонија, гласи: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот меѓу Република Македонија и Грција?“
Референдумот се одржува по Договорот од јуни меѓу Македонија и Грција, кој предвидува промена на името на државата во Република Северна Македонија, и претставува главен услов за членство на земјата во НАТО и отворање на преговорите со ЕУ.
Референдумот е консултативен и законски не е обврзувачки.