Sena Güler
03 Декември 2017•Ажурирај: 04 Декември 2017
ИСТАНБУЛ (АА) - Турскиот премиер, Бинали Јилдирим, присуствуваше на собирот организиран во Истанбул по повод Меѓународниот ден на лицата со попреченост, кој се одбележува денес со цел промовирање и поддршка на правата на оваа популација, јавува Anadolu Agency (AA).
Укажувајќи на бројните мегапроекти, вклучувајќи мостови, железнички пруги како и третиот аеродром во Истанбул, Јилдирим рече дека турската Влада веќе деценија и половина е посветена на подобрувањето на инфраструктурата во земјата.
„Меѓутоа, услугите што ги пружаме на нашиот народ се многу повредни и поцелисходни од вложувањето во инфраструктурата. Вложувањето директно во луѓето има долготрен ефект. Оваа услуга се пружа за сите, без никаква дискриминација, бидејќи тоа е дел од нашата традиција и култура“, порача Јилдирим.
Јилдирим, исто така нагласи дека лицата со попреченост во последниов период почнаа да нижат успеси во Турција, а особено укажа на освоените 46 медали на Олимпјадата за глуви лица, која се одржа оваа година во турскиот Самсун.
„Лицата со попреченост сочинуваат околу 7 отсто од турската популација. Првиот Закон за заштита на правата на оваа популација е воведен во 2005 година. Државата организираше и специјален ученички превоз за околу 100.000 деца со посебни потреби“, рече Јилдирим.
Нагласувајќи дека Турција во последните 15 години има направено голем исчекор во развојот на сите области, турскиот премиер Јилдирим рече дека во текот на овој период повеќекратно се зголемени средствата кои се издвојуваат за лица со хендикеп од 1,5 милијарди на 38 милијарди лири (од 0,32 милијарди до 8,13 милијарди евра).
Тој додаде дека во тој период вработени се 366.000 лица со хендикеп, а особено ги пофали 800 лица кои со поддршка на Владата започнаа свој бизнис.
„Во јавниот сектор во 2012 година работеа 5.000 лица со посебни потреби, а денес работат над 50.000 лица. Следната година се планира вработување на додатни 5.000 лица со хендикеп“, рече Јилдирим.
Меѓународниот ден на лицата со попреченост се слави на 3 декември и има за цел да го промовира разбирањето на проблемите на полето на инвалидитетот и да се мобилизира поддршка за достоинството, за правата и благосостојбата на оваа популација.