Ali Kemal Akan
05 Февруари 2019•Ажурирај: 05 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го критикуваше сѐ поголемиот притисок врз претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и запраша како е можно да се брка некого, кој на местото дошол преку избори, а во исто време се предаде водењето на земјата на некого, кој не ни излегол на избори, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган денеска имаше обраќање пред пратениците на турскиот Парламент од редот на владејачката Партија на правдата и развојот (AK Parti), и притоа се осврна на актуелните случувања. Во фокусот на говорот на Ердоган беа последните настани во Венецуела, како и сѐ поголемите притисоци врз претседателот на оваа земја, Николас Мадуро.
„Дали Венецуела е можеби ваша покраина? Како на човек, кој преку избори дошол на таа позиција, можете да му кажете ’Напушти го тоа место, заминувај‘? Освен тоа, како можете водењето држава да го препуштите некому кој воопшто не излегол на избори? Тоа ли е демократија? Каде исчезна приказната за вашата демократија? Дали вакво нешто е прифатливо?“, праша Ердоган.
Ердоган, говорејќи за Сирија, истакна дека неговата земја искрено го поддржува воспоставувањето на новиот устав и одржувањето на слободни избори во таа земја.
„Турција го почитува територијалниот и политичкиот интегритет на Сирија, како што ги почитува правото и волјата на сирискиот народ сам да решава за својата иднина. Ние најискрено го поддржуваме изработувањето на новиот устав и одржувањето на слободни избори во Сирија“, порача Ердоган.
Во врска со ситуацијата во сирискиот град Мунбич, Ердоган потенцираше дека Турција нема да чека долго.
„Ако за неколку недели терористите не се тргнат од Мунбич, Турција веќе нема да чека“, рече Ердоган.
Осврнувајќи се и на ситуацијата во Турција, Ердоган истакна дека турската опозициска Републиканска народна партија (ЏХП) изнесува невистини за тоа дека Турција повторно ќе биде принудена да тропне на вратата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), на што одговори:
„Многу е јасно кој одеше пред вратата на ММФ, тоа беше ЏХП. Кога дојдовме на власт, долгот на оваа земја кон ММФ изнесуваше 23,5 милијарди долари. Ние го презедовме тој долг. Нашата власт од една страна се занимаваше со големите инвестиции во оваа земја, а паралелно со тоа го врати и долгот кон ММФ. Турција во мај 2013 година го анулираше долгот кон ММФ и таа страница ја затвори за сите времиња“, истакна Ердоган.