Nazlı Yüzbaşıoğlu
05 Февруари 2019•Ажурирај: 06 Февруари 2019
АНКАРА (АА) - НАЗЛИ ЈУЗБАШИОГЛУ -
Висок шпански дипломат денес го пофали турското коспонзорство на Алијансата на цивилизациите, иницијативата за градење почит меѓу луѓето од различни култури и религии.
„Без Турција, Алијансата не би опстанала“, изјави за Anadolu Agency (AA), Мигел Моратинос, поранешен министер за надворешни работи и висок претставник на Алијансата на цивилизациите при Обединетите нации (UNAOC).
„Турција е посветен партнер за одржување на активноста и работата на Алијансата“, додаде тој.
„Не станува збор само за финансискиот придонес, туку и за политичкиот и дипломатскиот придонес, кои за нас се суштински. Добив целосна поддршка од турската влада“, рече Моратинос.
Моратинос престојува во дводневна посета на Турција на покана на турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу.
Двајцата дипломати вчера имаа состанок зад затворени врати во главниот град Анкара.
Алијансата на цивилизациите е политичка иницијатива, коспонзорирана од Турција и Шпанија по нејзиното формирање во 2005 година од страна на генералниот секретар на ОН, Кофи Анан.
Моратинос стана висок претставник на Иницијативата во јануари.
- Превенирање и решавање конфликти -
„Морам да му оддадам почест на претседателот Ердоган, бидејќи во текот на минатата година тој беше оној, кој дури и во тешки околности инсистираше на одржување на [...] Алијансата“, додаде тој.
„Сега започна ново поглавје, и јас, секако, ги зедов предвид ставовите на Турција“, истакна Моратинос.
Тој нагласи дека неговиот план е да ја направи Алијансата поконкретна и поориентирана кон резултати.
„Моја одговорност е да работам на два главни елементи. Еден од нив е да работиме на превентивната дипломатија, а вториот елемент е да работиме на решавање на конфликти“, додаде тој, нагласувајќи дека ако се појави криза, предизвикана или креирана од погрешното разбирање на религијата [и] културната цивилизација, Алијансата би можела да понуди позитивно решение.
„Во врска со превенцијата, ние треба да го измениме нашето општество. Треба да работиме на пет полиња: образованието, младината, жените, миграциите и медиумите“, рече Моратинос.
Потсетувајќи на последниот Глобелен форум на Алијансата на цивилизациите во Њујорк минатиот ноември, Мораитос истакна дека тие веќе почнале со работата за 9. Глобален форум, додавајќи дека иако сѐ уште нема конкретна одлука, следниот форум ќе се одржи во Африка.
Минатиот ноември, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, ја заживеа иницијативата за Алијансата.
„Ние ќе ја оживееме, со цел да ги спречиме екстремистичките струи и да го зголемиме меѓукултурниот и меѓуцивилизациски дијалог преку религијата“, рече тој.
„Доколку не ги преземеме овие чекори, да ги смениме овие трендови, се плашам дека светот, особено Европа, ќе се врати на деновите пред Втората светска војна, со што ќе станат жртви на екстремистички и расистички струи.“