Etem Geylan,Emrah Güney
21 Ноември 2016•Ажурирај: 22 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција е своевиден штит од тероризмот и дека доколку падне тој штит, терористите како буица би навлегле во Европа и во останатиот дел од светот, јавува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Турција, Ердоган се обрати на завршната сесија на 62. Заседание на парламентарното собранието на НАТО, кое се одржува во Истанбул. Во оваа пригода тој изјави дека тој собир е важен од аспект на јакнењето на меѓународната соработка за изградба на глобалниот мир и спокој.
Тој изјави дека одржувањето на редовното заседание на НАТО во Истанбул самото по себе е јасна порака.
Ердоган истакна дека светот денес се соочува со нови предизвици и закани, и дека тероризмот и климатските промени во моментот се најголеми закани за човештвото.
„Нетрпеливоста кон странците и омразата кон исламот е проблем што ги надминува државните граници. Во светот во кој денес живееме, никој од нас нема привилегија да каже дека е сигурен од чадот и од оганот доколку избие некој пожар. Порано или подоцна, тој чад и пламен ќе дојдат и до нас. Неопходно е и постоечките структури и организацијата да се ревидираат во склад со фактот дека заканите се глобализираат и да дојде до промена на рамнотежа на силата. Мораме да работиме на поопсежни платформи за да ги отстраниме заканите и шансите да ги претвориме во конкретна корист“, изјави Ердоган.
Тој нагласи дека НАТО не е само организација за одбрана, и дека не смее да се заборави оти НАТО не настанал само како организација за одбрана од заедничките закани, туку дека станува збор за безбедносна платформа којашто ги собира земјите лојални на развојот на демократските принципи и идеали.
„Фактот што дополнително дава важност на ова заседание на НАТО е и тоа што се одржува во земја којашто својата посветеност на одбраната и развојот на демократијата ја докажа на 15 јули. Борбата против предавниците и терористите таа ноќ беше невидена борба за демократијата во историјата, и победата е извојувана“, изјави Ердоган.
Toj исто така изјави дека вонредната состојба во Турција е воведена во склад со законските и уставни рамки и со цел да се избришат трагите од обидот за воен удар и да се неутрализираат терористичките организации.
„Таа состојба и процесите на истрагата се придвижени за одбрана на демократијата и владеење на правото, и се спроведуваат во склад со основните права и слободи. Во оваа пригода уште еднаш им се заблагодарувам на сите пријатели што ни упатија порака на поддршка и солидарност на 15 јули. Таа ноќ, Турција, и со нас целиот свет го виде новото лице на тероризмот, но и сведочевме на друг вид на борба против тероризмот“, изјави Ердоган.
Првиот човек на Турција во обраќањето на учесниците на заседанието на Парламентарното собрание на НАТО изјави дека Турција очекува поддршка во борбата против тероризмот и додаде дека очекува помош во борбата против терористите на ДЕАШ, ПКК, како и терористичките структури на ФЕТО низ целиот свет.
„Сакаме во своите земји да го спречите слободното дејствување на припадниците на терористичките организации. Ние никако не можеме да сфатиме дека Европската Унија ја прогласи ПКК за терористичка организација, а во некои нејзини земји-членки терористите слободно се движат и по ходниците на зградата на Парламентот слободно ги истакнуваат постерите на водачот на таа организација. Во врска со тоа, сите наши пријатели треба да преземат неопходни мерки. Доколку не се преземат тие мерки, тоа и ним еден ден ќе им дојде до главата, како бумеранг“, изјави Ердоган.
Тој рече дека на Турција ѝ е потребна посилна помош во борбата против тероризмот, и додаде оти токму Турција е своевиден штит на Европа и на останатиот дел од светот од тероризмот.
„Доколку бевме неуспешни во таа борба, доколку се скрши тој штит, терористите како поплава би навлегле во светот. Поради тоа, наместо да го ослабуваме, треба да го јакнеме тој штит“, изјави Ердоган.
Укажувајќи на хуманитарната криза и војната во Сирија, Ердоган рече дека Турција секогаш го вреднува човекот и мора да ги држи своите граници отворени за сите луѓе што бегаат од бомби и од смрт.
Тој истакна дека навистина е болно тоа што Турција е оставена сама во преземањето на товарот на хуманитарната криза и дека тоа навистина е лош пример за иднината на светот.
„Не постои ниту една земја во светот што дала толку и остварила толку многу во борбата против терористите на ДЕАШ. Ние на нашата граница се соочивме со големи закани на терористите на ДЕАШ, ПЈД и ЈПГ. Ако турската војска е со опозициската ослободувачка војска и влегла на тлото на Сирија, тоа го сторила за да ги неутрализира тие закани. Морам тука да ви откријам една вистина. Да не се навредат другите. Пријателот ја кажува вистината и кога таа боли. Знаете ли дека кај терористичките групи во Ирак и во Сирија најдовме оружје што го произведуваат нашите пријатели. Ги имаме сите докази, дури и сериски броеви. Кога им го кажувам тоа на нашите пријатели, тие не преземаат ништо, туку велат дека тоа е некое старо оружје и дека не ги признаваат ПЈД и ЈПГ како терористички организации што се борат против ДЕАШ. Па кога е така, не сметајте ги ни Ал Нусра за терористи, бидејќи тие се борат против ДЕАШ. Па дали можеме за терорист да кажеме дека е добар ако се бори против некој друг терорист. Тоа сега го гледаме во Ирак и во Сирија“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател Ердоган изјави дека светот поминува низ тежок период на големи проблеми и предизвици, но смета дека тие проблеми не се нерешливи. Тој додаде дека е неопходна силна и искрена соработка за решавање на глобалните проблеми.
„И понатаму повторувам, Советот за безбедност на ОН мора да се приспособи кон моменталната реалност и да биде репрезентативно тело. Во секоја пригода повторувам дека светот значително е поголем од пет големи сили, и тоа секогаш ќе го тврдам. Невозможно е денес светот да се води врз основа на потези што се донесени по Втората светска војна. Ние не смееме судбината на светот да ја препуштиме на волјата на една земја“, заклучи Ердоган.