Bekim Laci
09 Мај 2018•Ажурирај: 10 Мај 2018
СКОПЈЕ (АА) - По повод 9 мај, Денот на Европа, Секретаријатот за европски прашања (СЕП) го организираше традиционалниот настан „ЕУ-појадок“, кој оваа година се случи во пресрет на Самитот на ЕУ во Софија, на кој Македонија се надева дека ќе добие датум за почеток на преговорите за пристап во ЕУ, јавува Anadolu Agency (АА).
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, во своето обраќање пред амбасадорите на ЕУ во Македонија, вклучувајќи ги и САД, рече дека овој датум има значање и за Македонија, бидејќи, како што рече, „луѓето од оваа земја се чувствуваат како дел од Европа“.
„Сепак“, рече тој, „за да биде дел од мозаикот на ЕУ, Македонија треба да ја исполни обврската за прифаќање на европските вредности, за што покажува наклонетоста на повеќе од 80 отсто од граѓаните кои се изјаснија за членство во ЕУ и во НАТО.
Османи ги истакна спроведените реформи, Договорот со Бугарија и друг договор кој наскоро се очекува со Грција за решавање на прашањето за името, што ја прават оваа година посебна за Македонија, а ги повика амбасадорите на ЕУ да имаат предвид кога ќе одлучуваат за судбината на Македонија дека таа е единствената држава без гранични спорови со соседите и дека е функционално мултиетничко и мултиконфесионално општество.
„Ако не ги отвориме преговорите, ризиците се различни, бидејќи губењето на надежта за влез во НАТО и ЕУ ќе придонесе младите образовани луѓе да ја напуштат земјата, намалувајќи ја работната сила потребна за развој и раст, и зголемувајќи го евроскептицизмот и анти-НАТО чувствата. Ова ќе резултира со продлабочување на поделбата на етничка и верска основа, која ќе ги поткопа демократските институции и нивниот капацитет да управуваат, и ќе создаде плоден терен за интервенција и зголемување на влијанието на трети страни“, посочи Османи.
Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, во својот говор рече дека мирот и единството во Европа се слават заедно со визијата за подобар свет.

Тој истакна дека ЕУ сега брои 28 земји-членки, но има јасна визија да го направи Западен Балкан интегриран дел од неа, бидејќи овој регион географски отсекогаш бил дел од Европа.
Жбогар ја цитираше Могерини, шефицата на дипломатијата не ЕУ, која во текот на нејзината неодамнешна посета на Балканот рече дека ова прашање не се однесува на проширувањето, туку на интеграцијата на регионот во ЕУ.
„Важно е Европејците да сфатат дека народот на оваа земја верува во една силна Европа, верува во демократските вредности врз кои е изградена ЕУ, и мислам дека во текот на последната година вие го докажавте тоа, дека овие вредности се и ваши вредности“, рече Жбогар, според кого, ова е главната порака што Европа сака да ја чуе од Македонија.
Евроамбасадорот рече дека Македонија има направено реформи, вклучувајќи ја изградбата на државата за сите нејзини граѓани, а дека со своите активности значително придонесе и за европската динамика на регионот.