Hatice Özdemir
14 Февруари 2017•Ажурирај: 14 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Министерот за правда на Република Турција, Бекир Боздаг изјави дека наскоро ќе разговара со новиот министер за правда на САД и лично ќе му ги повтори ставовите и очекувањата на Турција кога станува збор за бараното испорачување на водачот на терористичката организација ФЕТО, Фетула Ѓулен, и на другите припадници на таа организација којашто во јули минатата година го изврши неуспешниот обид за воен удар во Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Пред почетокот на седницата на Клубот на парламентарните претставници на владејачката Партија за правда и развој (АК Партија), министерот Боздаг се обрати пред новинарите во Анкара и изјави дека по доаѓањето на власт на американскиот претседател Доналд Трамп и именувањето на новиот министер за правда на таа земја, се очекуваат позитивни чекори во врска со процесот за испорачување на Ѓулен.
„Во најкраток рок ќе разговарам со новиот американски министер за правда и од прва рака ќе му објаснам што претставува за Турција процесот за испорачување на терористите од ФЕТО. Очекуваме нови чекори во тој процес. Испративме и нови докази од доаѓањето на Трамп на власт. Испратеното досие содржи повеќе од потребниот доказен материјал за привремено апсење и испорачување на Ѓулен на Турција. Во процесот не недостигаат докази“, изјави Боздаг.
Во 70-тите години на минатиот век, терористичката организација ФЕТО започна да ги инфилтрира своите припадници во безбедносните институции во Турција, за во 80-тите значително да ги зајакне своите паралелни структури во тие институции, и на крајот, на 15 јули минатата година го изврши неуспешниот обид за воен удар со цел да го урне уставниот поредок и да ја собори демократски избраната турска власт.
На 2. февруари минатата година, турските власти од САД побараа да го укинат „зелениот картон“ на Фетула Ѓулен, водачот на ФЕТО. Нему претходно му беше поништен турскиот пасош врз основа на „давање лажен исказ“. По јулскиот обид за воен удар, Турција од САД формално побара привремено апсење и испорачување на Ѓулен.