Четвртата изложба на „Istanbul Photo Awards 2025“ отворена во Мадрид
- Изложбата организирана од Анадолу ги донесе наградените фотографии во Мадрид по презентациите во Турција и Њујорк
МАДРИД (АА) - Четвртата изложба на „Istanbul Photo Awards 2025“, организирана од Агенција Анадолу, е отворена денес во Мадрид, Шпанија.
На изложбата, одржана во фондацијата „Понс“, претставени се повеќе од 90 фотографии што учествуваа на меѓународниот натпревар „Istanbul Photo Awards 2025“.
На отворањето, покрај љубителите на фотографијата, дипломатскиот кор, претставниците на медиумските, уметничките и деловните кругови, присуствуваа и генералниот директор на Анадолу, Сердар Караѓоз, претседателот на новинската агенција ЕФЕ, Мигел Анхел Оливер и турската амбасадорка во Мадрид, Нукет Кучукел Езберџи.
Караѓоз истакна дека фотографиите што го прикажуваат животот, неправдата и геноцидот може да бидат тешки за гледање, но „никогаш не смееме да го свртиме погледот“.
„Ова се фотографии на достоинство и вистина, слики што нè потсетуваат на она што нè прави луѓе“, рече тој.
Караѓоз рече дека фотографиите ги соочуваат гледачите со реалноста.
„Кога гледаме фотографија од мајка во Газа што го држи своето безживотно дете, не гледаме политика, гледаме вистина. Неподнослива, неоспорна, длабока човечка вистина“, рече тој и додаде:
„Фотографијата може да биде надеж, може да биде угнетување, може да нè насмее или расплаче. Но, пред сè, како што уште еднаш видовме во Газа, може да биде сведоштво за животот, неправдата и геноцидот.“
Караѓоз посочи дека престижниот натпревар се проширува секоја година и информираше дека на годинашниот натпревар пристигнале 22.000 пријави од целиот свет, а фоторепортерите со извонредна јаснотија ја доловиле човечката состојба.
Оливер од EFE им се заблагодари на фотографите „кои со своите фотографии нè потсетуваат што се случува кога светот ќе одлучи да ја сврти главата“ и ѝ се заблагодари на новинската агенција Анадолу за тоа што изложбата ја донела во Мадрид.
Амбасадорката Езберџи рече дека отворањето на изложбата во Шпанија има „посебно значење“.
„Турција и Шпанија соработуваат уште од почетокот во потрагата по стабилност, безбедност и мир во Газа“, рече таа.
„Ќе продолжиме со нашите решителни напори за праведен и сеопфатен мир заснован врз решение за две држави. Силното пропалестинско расположение и во шпанското и во турското општество ја прави оваа изложба уште позначајна“, додаде амбасадорката.
Изложбата вклучува слики за социјални прашања, спорт, животна средина и од секојдневниот живот. Поставката на изложбата во Мадрид ќе трае до крајот на месецот.
По претходните поставки на изложбата во Анкара, Истанбул и Њујорк, „Istanbul Photo Awards 2025“ допатува во Мадрид.
