Ekipa
11 Март 2019•Ажурирај: 12 Март 2019
ЕЛ-МЕФРАК (АА) – ЛЕЈС ЕЛ-ЏУНЕЈДИ –
Црквата „Свети Ѓорѓи“, чии остатоци се наоѓаат во градот Рехаб, во покраината Ел-Мефрак, североисточниот дел на Јордан, се смета за една од најстарите цркви во светот, пишува Anadolu Agency (AA).
Црквата „Свети Ѓорѓи“ (230 година од новата ера), една од 30 цркви кои постоеле во историскиот град Рехаб, според податоците на експертите и документите е изградена од страна на 70 лица коишто живееле во регионот и коишто ја прифатиле монотеистичката христијанска вера, поради страв од прогонот од страна на паганската Римска Империја.
- За богослужба се повлекле под земјата -
За изведување тајна богослужба еден дел од црквата бил изграден под земјата, и тој дел кој денес личи на пештера го претставува долниот дел на црквата. Се проценува дека горниот дел на црквата бил изграден од страна на римскиот император Теодосиј I, веднаш по прогласувањето на христијанството за официјална вера во 4 век.

Археолозите велат дека долниот дел во облик на купола кон источен правец бил изграден од страна на раните христијани за богослужба.
Црквата, исто така, има 3 гроба за кои се верува дека припаѓаат на водечки христијански свештеници. До гробовите кои се со овални градби, широки 7 метри и долги 5 метри, под земја се симнува преку испреплетена камена скала.
Во горниот дел на црквата има натпис со кратки податоци за црквата. Јужно од натписот има соба за крштевање на децата, додека северно од натписот има две соби, во едната свештениците ја променуваат облеката, а во другата се складираат подароците за црквата.
- Голем интерес од страна на туристите -
Локалитетот на црквата, чии остатоци се откриени во 2002 година од страна на Одделот за историски споменици на Јордан, без промовирање веќе е посетен од илјадници луѓе од целиот свет.

Исмаил ел-Мелхам, директорот на Историски споменици „Мефрак“, во изјавата за АА рече дека црквата ја добила сегашната форма по две фази на изградба.
„Во првата фаза од ранохристијанскиот период, црквата се состоела од една пештера изградена под земја, со цел да имаат можност 50 до 70 луѓе да се поклонуваат“, истакна Мелхам, додавајќи дека горниот дел изграден во втората фаза е со мозаични подови и има еден натпис кој покажува дека црквата е изградена многу одамна.
Мелхам нагласи дека црквата е откриена од страна на Одделот за историски споменици на Јордан и дека се изведени потребните ископувања. Тој, исто така, истакна дека затоа што црквата е едно од најстарите места за богослужба на христијаните, сака да биде популарно место за туристите.