Emre Aytekin
08 Мај 2018•Ажурирај: 08 Мај 2018
ЊУЈОРК (АА) - Колекцијата уметнички дела на починатиот американски милијардер, Дејвид Рокфелер, и неговата сопруга Пеги Рокфелер, ќе се најде на продажба во аукциската куќа „Кристи“ во Њујорк, јавува Anadolu Agency (AA).
Раководството на „Кристи“ соопшти дека вечерва ќе биде организирана аукциска продажба на првиот дел од уметничките дела, а станува збор за дела на најзначајните сликари од 19 и 20 век.
Пабло Пикасо, Клод Моне, Пол Гоген и Анри Матис се само некои од уметниците чии слики ќе бидат на продажба.
Вториот дел од колекцијата на Рокфелер ќе биде понудена на аукциска продажба утре, а станува збор за дела на уметници од американскиот модернизам, меѓу кои Вилем де Конинг, Едвард Хопер, Џон Сингер Сарџент и Џорџија О'Киф.
Ден подоцна аукциската куќа „Кристи“ на продажба ќе понуди скапоцени гарнитури, керамички и декоративни предмети од колекцијата на Рокфелер.
Посебно внимание привлекува керамичката тацна од којашто Наполеон Бонапарта ги јадел омилените слатки.
Се очекува од продажбата на уметничката колекција на Рокфелер да се соберат над половина милијарда долари, а најавено е средствата да бидат донирани на хуманитарни организации чија работа семејството Рокфелер и претходно ја поддржуваше.
Дејвид Рокфелер почина минатата година во 102-та година од животот, како последен внук на основачот на компанијата „Standard Oil“ (Стандард оил), Џон Д. Рокфелер.