Zülfiya Yakup
09 Април 2017•Ажурирај: 10 Април 2017
ПРИШТИНА (АА) - Благодарение на уметникот Саимир Страти од Албанија во Националниот музеј на Косово во Приштина е изложен мозаик со ликот на Мајка Тереза, кој влезе во Гинисовата книга на рекорди, јавува Anadolu Agency (AA).
Мозаикот е со димензии 2,5 со 4 метри, или 10 квадратни метри и е направен од 1,5 милиони жичени спојувалки.
"Сложувалките се во две бои, бела и кафена боја. Овие сложувалки се уникатна идеја на маестро Страти и се однесуваат на драмата од 2016 година, големиот егзодус на бегалците од Блискиот Исток во Европа со многу жичани огради на државните граници", вели за АА Скендер Боштракај, директор на Националниот музеј на Косово.
Мозаикот со ликот на Мајка Тереза беше направен во ноември 2016 година, а во февруари оваа година беше официјално признат од судиите на Гинис, како најголем мозаик во светот направен од жичани спојувалки. За Страти ова е 10. Гинисов рекорд за уметнички дела, кои ги работеше со различни видови материјали.
"Ова е сон исполнет по десетти пат, затоа што јас сум сега носител на десетиот Гинисов рекорд, што не е малку, и сум единствениот уметник во светот со толку рекорди. Тоа ме прави и среќен и горд што го пронесов името на албанскиот народ", вели уметникот Страти во разговорот за АА.
Страти истакна дека мозаикот го завршил за 28 дена, бидејќи работел по 16 часа на ден, и дека новиот користен метод со жичени спојувалки бил многу тежок за реализација. Сепак, како што наведува, дел од заслугата оди кај претставниците на Националниот музеј на Косово, кои исклучително добро го примија и му пружија поддршка.
Уметникот, кој своето дело го посвети на судбината на милиони бегалци, додава дека уметниците, како и сите други интелектуалци, имаат задача да испратат порака, или преку дело или преку зборови, дека светската дипломатија треба сите луѓе да ги третира рамноправно за да има поголема хуманост.
"Мајка Тереза со нејзината душа и работа ни остави големо богатство, а тоа е мирот и впрочем нејзината порака е испишана на мозаикот ''Мирот започнува со една насмевка". Сите луѓе се родени исти и нејзината мисија за мир треба сите да ја поддржат и тоа е причината зошто ја избрав Мајка Тереза и нејзината порака", вели Страти.
Во исто време, директорот Боштракај вели дека Страти е убеден оти Мајка Тереза доколку беше жива би реагирала и би барала покажување поголема милост од државите и од народите кон несреќните бегалци. Тој потсети дека 2016 година беше година кога Ватикан, светски познатата хуманитарка со албанско потекло Мајка Тереза, ја прогласи за светица.
"Од друга страна, пак, започнува нов пат на светската политика и дипломатија, со потпишување на договори, со потпишување на разни документи, кои се спојуваат со жичени спојувалки, а Страти вели дека овие спојувалки штетат, бидејќи нема мир и документите не вредат. Тука се роди неговата идеја да се направи нешто со жичени спојувалки кои никому не штетат", истакна Боштракај.
Директорот Боштракај истакна дека уметникот Страти имал понуди од целиот свет за реализација на обидот по 10-ти пат да влезе во Гинисовата книга на рекорди, но дека тој лично по секоја цена сакал тоа да се случи во Националниот музеј на Косово поради силната тема која се однесува на човечката драма на егзодусот, но и поради портретот на Мајка Тереза со нејзината порака ''Мирот започнува со една насмевка".
Боштракај вели дека најголемиот број пријатели на Националниот музеј на Косово, изработката на мозаикот ја прогласиле за најдобро културно случување за 2016 година во Косово.