Özkan Beyer
27 Март 2017•Ажурирај: 27 Март 2017
ГАЗИАНТЕП (АА) – Најголемиот музеј на мозаици во светот, Зеугма, кој се наоѓа во турскиот град Газиантеп, има за цел да го зголеми бројот на домашните и на странските посетители со туристичките тури што ги започна во новата година, јавува Anadolu Agency (AA).
Музејот на мозаици Зеугма, кој се отвори пред 6 години, се простира на површина од 30.000 квадратни метри и го привлекува интересот на домашните и на странските туристи кои го посетуваат градот.
Во овој музеј, кој ја има добиено „Претседателската голема награда за култура и уметност“, се изложени мозаиците како „Ромско девојче“, „Статуата на Марс“, фонтани од римската ера, како и мозаици пронајдени во викендиците кои се наоѓале во близина на реката Еуфрат.
Општина Газиантеп ја започна кампањата „Време е да одиме во Газиантеп“, во чии рамки се очекува градот да го посетат околу 1 милион посетители, и има за цел овие посетители да го посетат и музејот Зеугма.
- „Време е да одиме во Газиантеп“ -
„Посакуваме очекуваните еден милион туристи кои ќе го посетат Газиантеп, да го посетат и музејот на мозаици Зеугма. Газиантеп е град којшто треба да се доживее, да се посети и да се види, било поради неговата гастрономија, историските места, археолошките локалитети и историското наследството старо илјадници години“, истакна за АА директорот за култура и туризам во Газиантеп, Мехмет Булент Озтурк.
Бетул Каја, која од германскиот град Хамбург дошла на посета во Газиантеп, истакна дека многу ѝ се допаѓа овој град. „Навистина е многу убаво место. Ова место е прекрасно, импресивно. Најмногу ми го привлече вниманието мозаикот „Ромско девојче“. Сите луѓе тука се многу гостопримливи, насмевнати и се поздравуваат. Секако дека секој треба да дојде да го посети. Ако имам можност, уште еднаш ќе дојдам тука“, вели таа.
„Секој треба да го посети овој музеј. Мозаиците се многу убави. Газиантеп е мирен град. Тука нема анархија или тероризам. Вашиот живот и имотот се безбедни“, вели адвокатот Ибрахим Курт, кој од Бурса дојде на посета во овој град, и нагласи дека е воодушевен од градот, особено од Музејот на мозаици Зеугма.