Mümin Altaş
10 Август 2022•Ажурирај: 11 Август 2022
КОНИЈА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган синоќа ги отвори 5. Игри на исламска солидарност кои се одржуваат во централната турска област Конија, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Ги започнувам спортските активности на 5. Игри на исламска солидарност. Им честитам на сите кои придонесоа за тоа во мое и во име на мојата нација. Среќно!“, рече Ердоган на свеченото отворање.
Игрите ќе траат до 18 август со учество на над 4.000 спортисти од 56 земји.
Говорејќи на церемонијата на отворањето, Хисеин Брахим Таха, генералниот секретар на Организацијата за исламска соработка, се заблагодари на Туркије за организацијата на настанот.
Таха рече дека е важно исламските земји да се приклучат во организации кои овозможуваат зајакнување на интеркултурниот дијалог.
Министерот за спорт на Саудиска Арабија, принцот Абдулазиз бин Турки ал Фејсал, кој е и челник на Унијата на арапски национални олимписки комитети, ја поздрави организацијата и му се заблагодари на Ердоган и на турскиот народ за реализацијата.
Турскиот министер за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, рече дека Конија ќе биде домаќин на „спортски фестивал“ на кој ќе бидат претставени спортот и братството.
Касапоглу додаде дека меѓународните спортски активности придонесуваат за развој на братството меѓу земјите.
Во меѓувреме, на маргините на настанот, Ердоган разговараше со својот азербејџански колега Илхам Алиев, кој, исто така беше присутен во Коња.
На церемонијата, меѓу останатите, присуствуваа и премиерот на Албанија, Еди Рама, палестинскиот премиер Мухамед Штајех и премиерот на Алжир, Ејмен бин Абдурахман.