Gökhan Balcı
17 Декември 2019•Ажурирај: 18 Декември 2019
ЕДИРНЕ (АА) - Студентите од Северна Македонија кои студираат на Универзитетот „Тракија“ во Едрене, го одбележаа 21 Декември - Денот на образованието на Турците, официјалниот празник на турската заедница во Северна Македонија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во својот говор на програмата организирана од страна на Унијата на студенти од Македонија, ректорот на Универзитетот „Тракија“, Ерхан Табакоглу, истакна дека во нивниот универзитет студираат 196 студенти од Северна Македонија.
Табакоглу, истакнувајќи дека вратите за пријателската и братска Северна Македонија се секогаш отворени, рече: „Ние, учениците што доаѓаат кај нас, не ги прашуваме за јазикот кој го говорат, религијата или нацијата. Како што вели Мевлана ’Кој и да си, дојди‘. Нашите врати се отворени за сите.“
Тој нагласи дека Одделот за македонски јазик и книжевност е одобрен од институцијата за високо образование, и дека образованието во тој оддел ќе започне што поскоро.
Претставникот на Министерството за надворешни работи за Едрене, амбасадорот Волкан Турк Вурал, рече дека односите меѓу Турција и Северна Македонија се исклучително добри.
Генералниот конзул на Северна Македонија во Истанбул, Актан Аго, рече дека турското население во Република Северна Македонија со векови го користи својот мајчин јазик, литературата, културата, обичаите и традициите.
Претседателот на Сојузот на студенти од Северна Македонија, Хишам Емин, се заблагодари на сите оние кои дошле да го прослават празникот Денот на образованието на Турците од Северна Македонија.
По говорите, Ерхан Хасип, директор на Програмата на турски јазик при Македонската телевизија, даде информација за активностите што се спроведуваат за турскиот јазик во Северна Македонија.
Програмата заврши со концертот на Гизем Санчакли која пееше балкански фолклорни песни и со изведбата на Балканското друштво за музика и уметности.