Ömer Faruk Yıldız
14 Декември 2019•Ажурирај: 16 Декември 2019
КУАЛА ЛУМПУР (АА) - ОМЕР ФАРУК ЈИЛДИЗ -
Колмар Тропикал, село во Малезија изградено во духот на препознатливата француска архитектура од средниот век, секојдневно го привлекува вниманието на голем број туристи кои ја посетуваат Малезија, пишува Агенција Анадолија (AA).
Во селото, изградено за туристички цели во покраината Паханг, има и ресторани каде што посетителите можат да пробаат специјалитети на француската кујна, а дел од понудата се и ликовни изложби и оригинални улични претстави.

Француското село, како што го нарекуваат во Малезија, се простира на површина од 80 хектари, на надморска височина од околу 900 метри, така што температурата во Колмар Тропикал е под просекот на земјата.
Селото, чија изградба официјално заврши во 2000 година, е направено според изгледот на францускиот град Колмар, во кој и денес се наоѓаат разнобојни дрвени куќи кои датираат од периодот на ренесансата.
Во Колмар Тропикал има и хотели, исто така изградени во духот на средновековната архитектура.

Меѓу бројните интересни содржини, посетителите на француското село можат да ги посетат и ботаничката градина, ергелата, каде што можат да јаваат коњи, и зоолошката градина.
Освен тоа, Колмар Тропикал често го посетуваат пејачи и уметници кои снимаат рекламни филмови и музички спотови. Во последниве години селото сè повеќе го посетуваат млади брачни парови кои доаѓаат да се фотографираат.
Француското село е оддалечено од престолнината Куала Лумпур само 45 минути.