култура и уметност

Се дефиле на различни маски отворен традиционалниот „Вевчански карневал“

Во Вевчани официјално беше отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, кој се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Македонија и пошироко.

Furkan Abdula  | 13.01.2019 - Обновена : 15.01.2019
Се дефиле на различни маски отворен традиционалниот „Вевчански карневал“ (Foto: Furkan Abdula/ AA)

Vevcani

ВЕВЧАНИ (АА) - По повод Новата година според стариот, Јулијански календар, во општина Вевчани официјално беше отворена традиционалната манифестација „Вевчански карневал“, кој се смета за еден од најголемите уникатни и културни куриозитети во Македонија и пошироко, со над 1.400-годишна традиција, јавува Anadolu Agency (AA).

Вевчанскиот карневал, кој се одржува по повод Новата година според стариот календар, е познат како провокативна манифестација во чии рамки се претставуваат разни маски и персонификации.

На карневалот беше присутен и министерот за информатичко општество и администрација на Македонија, Дамјан Манчевски, кој го отвори карневалот.

Манчевски истакна дека има чест да присуствува на оваа традиционална манифестација, и дека ова е ден за сатира и смеење.

„Денеска ја имам честа на еден начин да го отворам карневалот, кој всушност и никогаш не бил затворен. Ова е повеќегодишна, стогодишна, и повеќе од толку, традиција која навистина на прекрасен начин продолжува секоја година, и покрај тоа што сум сигурен дека ние, политичарите, ќе бидеме предмет на критика“, нагласи Манчевски, и додаде дека очекува да ги види подготвените маски.

Градоначалникот на општина Вевчани, Сашо Јанкоски, нагласи дека во организирањето на карневалот наидуваат на потешкотии, но како што рече тој, со голем ентузијазам ги решаваат тие проблеми.

Што се однесува до додавање новини на карневалот, Јанкоски истакна дека и народот сугерира карневалот да трае повеќе денови.

Запрашан дали упатил апел до вевчанци да внимаваат на изборот на маски што се однесува до верските заедници, Јанкоски рече:

„Ние не учествуваме во изборот на маски, тоа е секогаш во голема тајност. Немаме увид во маските, но можеме само да апелираме да нема такви настани како што беше во минатото.“

Карневалот започна со дефиле на маскирани групи луѓе од Горно и од Долно маало во селото, кои преку своите маски пренесоа пораки, како и критики за настаните од 2018 година во земјата, регионот и пошироко.

Со цел на критичен и сатиричен начин да ги претстават настаните од минатата година, учесниците носеа маски кои ја симболизираа промената на името на државата во „Република Северна Македонија“, патот на земјата кон НАТО и ЕУ, а не изостанаа и маски на кои беа претставени државни функционери, како и многу други личности и настани од различни сфери.

Карневалот ќе заврши утре со традиционалното палење на маските, со што се верува дека нивните сопственици се ослободуваат од злото и дека годината ќе им биде среќна и бериќетна.

Инаку, Вевчанскиот карневал е стар 1.400 години и негува одредени специфични обичаи. „Зетот“ и „Невестата“ се главните ликови-маски кои се задолжени ноќта меѓу 13 и 14 јануари да ги посетат сите, околу 700 куќи на Вевчани, за да соберат пари, што се наменети за донации. Маските се чуваат во најголема тајност и никогаш не се повторуваат на некој од наредните карневали.

„Вевчанскиот карневал“ е манифестација која преку различни маски и персонификации, со критичен и сатиричен осврт пренесува пораки за настаните што се случија во текот на претходната година во земјата, регионот, но и во светот.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.