Ahmed al-Masri,Zeynep Hilal Karyağdı
23 Февруари 2018•Ажурирај: 24 Февруари 2018
РИЈАД (AA) - Во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, започна првиот џез-фестивал, јавува Anadolu Agency (AA).
Синоќа во Ријад, како дел од „политиката за експанзија“, започна првиот Џез-фестивалот организиран од страна на Институцијата за забава, формирана 2016 година во Саудиска Арабија.
Организаторите на тридневниот фестивал објавија фотографии за големиот интерес за џез-програмата која се одржува во голф-клубот во еден хотел во Ријад.
Во рамките на програмата, ќе настапат локални и странски музички групи и џез уметници, а притоа на посетителите ќе им се служи и храна.
Од друга страна, пак, на веб-страницата наречена „Забавна агенда“ која е поврзана со Институцијата за забава, се наведува дека на посетителите на фестивалот ќе им биде понудено џез искуство во уникатна средина.
Институцијата за забава ја објави агендата за 2018 година во која се дадени најмалку 5.000 активности во 56 градови. Институцијата, исто така, истакна дека во забавната индустрија ќе се инвестираат 64 милијарди долари во текот на следните 10 години.
Извршниот директор на институцијата, Амр ел Медени, изјави дека е дадено одобрение и за првпат во Саудиска Арабија е започната изградба на оперска куќа.
Министерството за информации и култура на Саудиска Арабија во декември 2017 година соопшти дека е донесена одлука за доделување дозволи за кино-сали и дека првата кино-сала се очекува да биде отворена во март 2018 година.
Принцот на Саудиска Арабија, Мухамед бин Селман, вети дека ќе ја врати својата земја во „умерен ислам“ на состанокот на Иницијативата за идни инвестиции во Ријад на 24 октомври 2017 година, организиран од страна на Фондот за јавни инвестиции на кој присуствуваа 2.500 луѓе од околу 60 земји.