Admir Fazlagic
13 Април 2020•Ажурирај: 14 Април 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за култура на Република Северна Македонија, Хусни Исмаили, се сретна со амбасадорот на Република Турција во земјата, Хасан Мехмет Секизќок, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Информацијата за средбата на министерот Исмаили и турскиот амбасадор Секизќок ја објави Министерството за култура на Северна Македонија на својот официјален профил на социјалните мрежи.
„За време на средбата, се разговараше за безусловната помош што Република Турција ја понуди на нашата земја како резултат на тешката состојба предизвикана од коронавирусот", се вели во објавата.
„Министерот Исмаили истакна дека оваа помош е од големо значење и уште една потврда за пријателството меѓу двете земји. Тој изрази надеж дека ситуацијата со коронавирусот ќе биде решена наскоро и дека културната соработка меѓу Турција и Република Северна Македонија ќе продолжи со забрзано темпо", се наведува во објавата на Министерството за култура на Северна Македонија.
Потсетуваме, на 8 април од Турција на Меѓународниот аеродром Скопје пристигна медицинска помош за Северна Македонија во борбата против пандемијата на коронавирусот (Ковид-19).
Исто така, медицинска помош од Турција пристигна и во другите балкански земји: Косово, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина.