Behlül Çetinkaya
02 Април 2023•Ажурирај: 05 Април 2023
ЛОНДОН (АА) – БЕХЛУЛ ЧЕТИНКАЈА -
Лондон, главниот град на Велика Британија, е дом на над 600 библиотеки, пишува Анадолу.
Поседувајќи ја најголемата светска мрежа на јавни библиотеки, лондонските библиотеки привлекуваат внимание, како со својата богата збирка, така и со специфичната архитектура.
Во Лондон постојат 325 јавни библиотеки, а овој број надминува 600 со приватните и универзитетските библиотеки.
Библиотека со најголема колекција во светот е Британската библиотека, сместена во центарот на Лондон и е национална библиотека на Велика Британија. Сепак, нејзината историја не оди далеку во минатото.
Британската библиотека е отворена во 1973 година, а беше дел од Британскиот музеј. Од 1983 година во нејзиниот фонд е националниот архив за звук, кој има многу звучни и видеозаписи, со над милион дискови и илјадници ленти.
Зградата на библиотеката има 14 ката и денес е заштитено подрачје од прв степен.
Со површина од 112 илјади квадратни метри, библиотеката воедно е и најголема зграда изградена во 20 век во Велика Британија.
Британската библиотека во Лондон е втора по големина библиотека во светот, ако се гледа просторно, но со најбогата колекција од близу 200 милиони книги, ракописи, списанија и дневни весници, географски карти, музички партитури, тонски и визуелни записи, како и поштенски марки.
Книгите се поставени на полици со вкупна должина од над 750 километри, до кои на читателите не им е дозволен пристап.
Сите што сакаат некоја книга мора да се обратат до библиотекарот кој ја носи книгата на масата во читалницата. Според британскиот закон, примерок од секое ново печатено издание во Велика Британија мора да се достави до библиотеката.
Освен тоа, библиотеката „Моган“ е главна универзитетска истражувачка библиотека на Кралскиот колеџ во Лондон.
Неоготската зграда од 19 век е најголема универзитетска библиотека во Велика Британија од Втората светска војна.
„Моган“ поседува повеќе од 750.000 предмети - книги, списанија, ЦД, плочи, ДВД, тези и испити.
Во библиотеката се наоѓаат и над 150.000 аудиозаписи (плочи) со 78 вртежи во минута, донирани од Би-би-си во 2001 година, кои опфаќаат широк спектар на жанрови. Освен главниот каталог, библиотеката поседува посебни збирки и архиви што содржат вкупно околу пет милиони документи.
Меѓу лондонските библиотеки има и такви што се издвојуваат не поради нивната збирка или историја, туку поради нивните архитектонски карактеристики. Главна меѓу нив е библиотеката „Свис Котиџ“, која во 1964 година ја отвори кралицата Елизабета.
Зградата, чија надворешност е звучно изолирана со 238 крила, се смета за еден од најважните примери на модернистичкото архитектонско движење.
Уште една исклучителна библиотека во Лондон со својата модерна архитектура е Канадската водена библиотека, импресивна нова зграда проектирана како библиотека на иднината. Позната е и по наклонот од 60 степени.