Stipe Mayiç
07 Септември 2016•Ажурирај: 08 Септември 2016
ЗАГРЕБ (АА) - Археолошкиот музеј во Загреб овие денови е домаќин на една необична изложба на слики што можат да се почувствуваат со допир и со мирис, но се убави и за око. Тактилната мирисна изложба насловена „Заедно“, посветена е на глувите и на слепите лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Наместо забраната да се допираат сликите, која редовно стои во музеите, оваа изложба треба да има натпис: Предметите треба да се допрат и да се помирисаат.
Зорица Бабиќ, музејски педагог во Археолошкиот музеј во Загреб, вели дека тоа е подарок на уметничката група „Клуб 17“ за Сојузот „Допир“, со кој уметноста, особено сликарството, би било поблиску до слепите лица и лицата со посебни потреби.
За да се создаде овој тип на тактилна изложба со 27 слики, уметниците користеа различни материјали, а површината на секоја слика релјефно е истакната во просторот. За различните мотиви се користени различни материјали, така што дрвото е користено за мотивот маслинки, платно за прикажување на облека, памук за претставување стадо овци на ливада, а беше користено и јаже, копчиња, лисја, школки, картон, пена, дебели слоеви боја итн.
Исто така беа користени и различни мириси со кои лицата што не гледаат, покрај тактилниот дел би имале и мирисна информација што можат да ја поврзат со презентираниот предмет. Изложбата во Археолошкиот музеј ќе остане отворена до 10 септември.