Senada Ibraimova
16 Февруари 2017•Ажурирај: 17 Февруари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денес го слави својот 70-годишен јубилеј, а во рамките на манифестацијата, Друштвото ги додели наградите за најуспешни книжевни остварувања во 2016 година, јавува Aandolu Agency (AA).
Претседателот на ДПМ, Веле Смилевски, по повод 70-годишнината одржа говор во кој истакна дека ДПМ, како асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во Р. Македонија, во изминатите седум децении обедини 540 писатели и интелектуалци од повеќе генерации, кои творат на мајчин јазик, на македонски, албански, турски, српски, влашки, ромски и на босански.
Тој исто така нагласи дека ДПМ веќе 15 години е член на европското семејство на писателските асоцијации, односно како што кажа, од 2002 година, од 17. Конгрес на европските писатели одржан во Велика Британија.
Смилевски пренесе дека ДПМ со оваа средба му оддава посебна почит на првиот претседател на асоцијацијата, поетот, раскажувач, есеист, книжевен историчар, лингвист и преведувач Блаже Конески.
На крајот, Смилевски изрази гордост за тоа дека ДПМ во изминатите шест години прими 34 млади писатели, извонредно надарени творци како што вели тој, со вредни дела за коишто допрва ќе се зборува. „Просечната возраст на овие автори е 28 години“, пренесе Смилевски.
- Доделени наградите за најуспешни книжевни остварувања во 2016 година -
Наградата „Ацо Шопов“, за најдобра стихозбирка за 2016 година ја доби Гордана Михаилова Бошнакоска за стихозбирката „Песна на ридот“. Во тесен избор за оваа награда влегоа стихозбирките „Песна на ридот“ од Гордана Михаилова Бошнакоска, „Црно на бело“ од Лидија Димовска, „Посланија и риданија“ од Кочо Топузоски, „Внатрешни планини“ од Владимир Мартиновски и „Метафизички сино“ од Филип Клетников.
Наградата „Стале Попов“, за најдобра прозна книга ѝ беше доделена на Лилјана Пандева за романот „Доилката“. Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга од областа на критиката и естетиката ѝ беше врачена на Кристина Николовска за делото „Светлинска“. Наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца и млади ја доби Александар Поповски, за стихозбирката „И по сто пати“.
Во рамките на оваа манифстација, ДПМ му ја додели Повелбата на ДПМ на Трифун Костовски, кој преку својата фондација при МАНУ со години вложува во науката и во уметноста, а годинава донираше 100.000 денари за ДПМ по повод 70-годишниот јубилеј.
На свеченоста присуствуваше министерката за култура, Елизабета Канческа – Милевска, како и голем број познати писатели и творци од областа на културата и уметноста.