АНКАРА (АА) – СААДЕТ ФИРДЕВС АПАРИ / МЕРВЕ БЕРКЕР -
Фоторепортерот од Бангладеш, Мухамед Шајахан, кој ја освои наградата „Фото на годината“ на „Istanbul Photo Awards 2021“, седмиот меѓународен натпревар за фотографија организиран од Агенција Анадолија, истакна дека Istanbul Photo Awards е призната како една од најпрестижните награди во светот.
Шајахан, за АА ја сподели приказната за неговата наградена фотографија насловена како „Љубов на мајката“ (Mom Love) и за чувствата откако ја доби наградата.
Наведувајќи дека отишол во областа Халисхахар во провинцијата Читагонг во југоисточен Бангладеш за да присуствува на погреб на починат од коронавирус, Шајахан рече дека видел „млада девојка како стои на вратата од соседната куќа и како става цвеќиња на стаклена врата“.
„Девојчето го нацрта симболот на љубовта и до него напиша МАМА. Набргу потоа, Махмуда Ханам дојде до вратата со маска за кислород на лицето и очајно се обиде да го помириса цвеќето!“, рече Шајахан, додавајќи дека во тој момент ја сфатил тешкотијата на 44-годишната жена да не може да дише и да не може да мириса на цвеќињата поради Ковид-19.
Фотографијата на Шајахан „Љубов на мајката“ има моќна приказна зад себе, која опишува како смртоносниот вирус влијае на секојдневниот живот на луѓето од целиот свет.
„Фоторепортерот никогаш не може да избега од општествена одговорност, без оглед на ситуацијата“, рече Шајахан, и додаде: „Фоторепортерот треба да работи во секакви тешки услови.“
Истакнувајќи дека најголемата моќ на фотографијата е што со еден доловен момент можете да стигнете до секого, Шајахан рече: „Мислам дека таквата емотивна слика за време на епидемијата на Ковид-19 ќе испрати порака до другите да бидат внимателни.“
Нагласувајќи ја важноста на наградата за него, Шајахан рече: „Istanbul Photo Awards е призната како една од најпрестижните награди во светот. Ова е причина за гордост. Оваа награда е многу значајна за мене и ќе ме охрабри да направам подобри фотографии.“
- „Одговорност, организација, дисциплина, професионалност“ -
Во категоријата „Единечна фотографија“, фоторепортерот на Агенцијата Франс прес (AFP), Јури Кортез, го зазеде второто место со фотографија на затвореници од затворот Квезалтепека во Ел Салдавор.
Споделувајќи ја приказната за неговата фотографија, Кортез рече дека надлежните во затворот го поканиле да го прошетаат низ затворот.
„Кога влегов во првиот блок на ќелии и видов колку многу затвореници има, бев шокиран“, нагласи Јури Кортез.
Кортез истакна дека додека од една страна се обидувал ефикасно да ја заврши својата работа, од друга се приспособувал на затворската околина, рече:
„Можеби првиот голем предизвик беше тоа што имав ограничено време да размислам за фотографирањето под притисок во затвор со максимално обезбедување, и полн со исклучително опасни затвореници.“
Опишувајќи ги фотографите како „генератори на идеи“, Кортез рече дека најважно за фотографот е правилно да ја пренесе пораката.
„Принципите кои секогаш ги прифаќав при работата се одговорноста, организацијата, дисциплината и професионализмот, на што ме научија наставниците на училиште“, рече Кортез.
Истакнувајќи дека е „убаво изненадување“ да се добие оваа награда, Кортез рече дека е благодарен за наградата бидејќи за него е „важна и престижна“.
„Решен сум да продолжам да давам сѐ од себе, тоа е она што секогаш се обидувам да го правам кога фотографирам. Разговарам со младите луѓе и се обидувам да ги мотивирам никогаш да не се откажат и храбро да се соочат со животот и предизвиците. Особено затоа што ние, фотографите во општеството, сме маргинализирани, дури и дискриминирани“, додаде Кортез.
- „Една фотографија може да промени сѐ“ -
Петрос Џианакурис, фоторепортерот на „Асошиејтед прес“ (AP) ја доби третата награда во истата категорија со неговата фотографија што ги отсликува тешкотиите што ги живеат бегалците кои бегаа од кампот во Грција.
Џианакурис за дописникот на АА раскажа за своите искуства, приказната за неговата фотографија и за чувството откако ја доби наградата.
Џианакурис рече дека ја почувствувал неверојатната моќ на тој момент, додека фотографирал повеќе опожарени зони во бегалскиот и имигрантски камп „Мориа“.
„Фотографијата беше емотивна. Можеше да се почувствува драмата на лицата на луѓето кои бегаат од кампот, кој повторно беше зафатен од пламен“, нагласи Џианакурис.
Истакнувајќи дека скоро 30 години работи како фотограф, Џианакурис рече дека се дефинира себеси како „романтичар“, бидејќи верува дека „фотографијата може да промени сѐ“.
Тој смета дека луѓето треба да бидат информирани и дека еден моќен момент може да ја мобилизира публиката.
Посочувајќи дека се чувствува среќен и горд што е почестен со таква награда, Џианакурис истакна дека ја доживува наградата како „можност луѓето да ја видат фотографијата и да научат за таа тема“.
Џианакурис, исто така, го пофали жирито, нагласувајќи дека одамна ја цени неговата работа.
Деталните информации за победничките фотографии може да се погледнат на „http://istanbulphotoawards.com/“.