Kübra Chohan
22 Јули 2018•Ажурирај: 23 Јули 2018
НИГДЕ (АА) - Храм од хеленистичкиот период, стар над 2.000 години е откриен при археолошки ископувања во централна Турција, јавува Anadolu Agency (AA).
Храмот, стар 2.100 години е пронајден на Ридот Киник, археолошки локалитет кој се наоѓа во близина на населеното место Јешилјурт, во турската област Нигде.
Тим составен од турски и италијански археолози работат на локалитетот од 2011 година.
Професорот Лоренцо Д’ Алфонсо, од Универзитетот „Њујорк“, инаку раководител на проектот, потврди дека храмот потекнува од хеленистичкиот период. Тој потсети дека во 2016 година на локалитетот пронашле и храм стар околу 2.500 години, кој датира од доцниот персиски период.
„Продолживме со ископувањата под локацијата на која го пронајдовме храмот и откривме уште еден храм, кој датира од хеленистичкиот период, односно од периодот пред 2.100 години“, изјави за АА, Д’ Алфонсо.
Д’ Алфонсо истакна дека на Ридот Киник не опстојувала населба, ниту град од 30-тата година пр. н.е.
„Пронајдовме и делови на статуа на бик, изработена од керамика“, додаде тој.
Басри Акдемир, директор за култура и туризам во областа Нигде, од своја страна истакна: „Во Музејот во Нигде, донесени се 207 преносливи културни добра, кои се пронајдени во ископувањата од 2011 година досега.“
Ископувањата се дел 10-годишниот заеднички проект помеѓу Универзитетот во Павија, Институтот за проучување на античкиот свет и Универзитетот „Њујорк“, поддржан од универзитетите во Нигде и во Ерзурум, Турција.