Admir Fazlagic
29 Април 2017•Ажурирај: 30 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во центарот на Скопје, на плоштадот Јадран сквер денеска се одржува „Урбан фест“, меѓународен фестивал на живата статуа и други улични уметности, на кој настапуваат светски познати изведувачи од областа на „живата статуа“ и изведувачи на 3Д-графити, јавува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот се одржува во организација на „ТЕАТРОСК", театарска продукција која изведува уличен театар, улични промоции и настани со сличен карактер. Организаторите најавија дека гости ќе бидат светски познати изведувачи од областа „живи статуи“ и изведувачи на 3Д-графити.
Уметниците кои настапуваат на фестивалот доаѓаат од Германија, Португалија, Холандија, БиХ и од Србија. Во рамките на фестивалот за живи статуи се одржуваат неколку претстави на три улици, а исто така има и музички дел во самата програма, во којшто ќе настапат диџеи од Скопје, а на крајот на самиот фестивал, односно вечерва ќе настапи и групата Фолтин.
„Урбан фест“ финансиски е поддржан од општина Центар, а градоначалникот на оваа општина претходно истакна дека за него преставува задоволство што токму општина Центар финансиски поддржува ваков проект. Тој истакна дека со овој културен настан Скопје сака да се приклучи на светските метрополи во кои можат да се видат живи статуи и изрази верување дека Скопје ќе стане препознатливо и како дел од уличната уметничка сцена.
Со оглед на тоа дека се работи за баскинг - оставање прилог на изведувачите, сите артисти одлучија партите што ќе ги соберат да ги донираат во хуманитарни цели, односно за лице кое боледува од рак на желудникот, информираа организаторите.