Sibel Vezaj
04 Август 2018•Ажурирај: 05 Август 2018
ПРИЗРЕН (AA) - Во призренскиот Театар „Лумбардхи“ синоќа започна 17. издание на „ДокуФест“ - Меѓународниот фестивал на документарен и краткометражен филм, на кој ќе бидат прикажани над 260 филмови, јавува Anadolu Agency (AA).
Фестивалот, кој ќе трае девет дена, традиционално собра голем број гости и посетители, како од земјата, така и од странство.
Уметничкиот директор на „ДокуФест“, Ветон Нурколари, во изјава за AA истакна дека „ДокуФест" е еден од главните културни настани не само во Косово, туку и пошироко, кој многу придонел за афирмација на културата, посебно за филмот во Косово. Тој вели дека оваа година се очекува рекорден број учесници и гости.
„Имаме околу 500 гости кои доаѓаат и директно се врзани за Фестивалот, а во текот на деветте дена, на Фестивалот во Призрен ќе престојуваат околу 50 илјади посетители“, вели Нурколари.
Тој наведува дека на Фестивалот ќе бидат прикажани околу 260 филмови од околу 40 држави од светот.
„Во натпреварувачките категории ќе бидат прикажани 102 филма, а остатокот од околу 160 филмови се поделени во 50 други специјални програми кои не се натпреварувачки“, вели тој.
На „ДокуФест" ќе бидат прикажани и 5 филма од Турција.
Филмовите, како што истакна Нурколари, ќе бидат прикажувани во девет кина, од кои пет се под отворено небо, а четири од затворен тип.
Во рамките на Фестивалот ќе се организираат и различни работилници, панели, изложби на фотографии, предавања и концерти.
„ДокуФест" ќе трае до 11 август кога ќе бидат доделени наградите за победничките филмови.