Mustafa Ünal Uysal
27 Октомври 2019•Ажурирај: 28 Октомври 2019
МЕРСИН (АА) - Во Мерсин, Турција, од 1 до 3 ноември ќе се одржи 7. Меѓународен фестивал на агруми, а подготовките се во полн ек, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на фестивалот, присутните ќе можат да погледнат 30 фигури направени од портокали, лимони, мандарини, грејпфрут... Планирано е одржување на поворка, а дел од фигурите ќе бидат фиксирани и изложени на едно место.
Од утринските часови жените редат илјадници агруми и обликуваат фигури на змејови, хеликоптери, гитари, автомобили, возови…
Изложбата на фигури значително придонесува и за промовирање на градот, а жените кои вредно работат на нивна изработка, придонесуваат кон домашниот буџет, но стекнуваат и работно искуство.

Абдула Оздемир, организаторот на фестивалот, рече дека во текот на фестивалот ќе бидат изложени 30 фигури.
„Десет фигури ќе бидат мобилни и до фестивалот ќе го промовираат градот. Дваесет ќе бидат фиксирани и ќе ги изложиме во фестивалскиот простор. Оваа година додадовме четири нови фигури - кит, змеј, мајмун и подморница. Фигурите се изработуваат од 500.000 агруми и сè е вистинско овошје“, рече Оздемир, кој додаде дека за ваков проект е потребно многу работа и труд.
На нив работат 70 жени и многу од нив имаат долгогодишно искуство.
Една од нив е Нуран Четин, која рече дека имаат чувство дека работат на уметничко дело, и дека освен што придонесуваат за нивниот домашен буџет, помагаат и во промоција на агрумите.
„Со фигурите го привлекуваме вниманието на луѓето. Пред тоа агрумите само ги беревме, а сега ги претвораме во уметност“, рече Четин.

Слично мислење има и Ѓузиде Оз која рече дека се среќни што имаат можност слободното време да го искористат за нешто толку корисно.
Истакна дека вложуваат големи напори фигурите да изгледаат реалистично.
„Имам две деца кои се школуваат. Парите кои ќе ги заработам ќе им помогнат многу. Освен тоа, убаво си поминуваме и забавуваме. Мило ни е што фигурите привлекуваат внимание, а и тоа што го промовираме Мерсин“, рече Оз.
Инџи Турмуш рече дека рано почнуваат да работат на обликување на фигурите и дека подготовките се во полн ек.
„Научивме како да се посветиме и на најситните детали. Мило ни е што учествуваме во нешто вакво“, рече Турмуш.
На фестивалот учествуваат бројни домашни и странски гости, а се очекуваат и настапи на изведувачи од 25 земји.
Освен поворката, во рамките на фестивалот на агруми ќе бидат поставени и штандови на кои гостите ќе можат да уживаат во различни специјалитети.