Admir Fazlagic
25 Октомври 2019•Ажурирај: 26 Октомври 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вечерва во Скопје беше одржана промоција на документарниот филм „Вклучување на заедниците во културниот живот“, кој содржи кратки видео-интервјуа со претставници од културата и медиумите на помалкубројните заедници во Република Северна Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Документарниот филм „Вклучување на заедниците во културниот живот“ е изработен од Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе" од Скопје, кој е дел од истоимениот проект, поддржан од Агенцијата за остварување на правата на помалкубројните заедници (АОПЗ) кои живеат во Северна Македонија, во рамки на програмата „Поддршка на заеднички активности со локални организации на граѓанското општество".
Џемилијана Абдулова, претседателка на Ромскиот културен и медиа центар „Бариканипе" од Скопје, во изјава за АА говореше за целта на овој проект.
„Имаме за цел со овој проект преку кратките видео-документарци да прикажеме каков е заедничкиот живот на помалкубројните етнички заедници, кои се последиците и како може да се подобри состојбата", вели Абдулова.
Абдулова истакнува дека еден од заклучоците од овој проект е дека со заеднички иницијативи треба да се подобри состојбата на помалкубројните заедници во земјата.
„Со заеднички цели со различен јазик можеме да покажеме дека помалкубројните заедници работат во врска со културата и ќе продолжат да работат и понатаму", додава таа.
По прикажувањето на видео-интервјуата се одржа и трибина на која се дискутираше за мислења, заклучоци и препораки во однос на идни активности кои треба да се преземат за подобрување на состојбата со културата на помалкубројните заедници во Северна Македонија.