Emrah Oktay
09 Јуни 2022•Ажурирај: 10 Јуни 2022
ИСТАНБУЛ (АА) - Во Истанбул започна петтото издание на Светскиот фестивал на етноспортови и култура, чиј организатор е Светската конфедерација на етноспортови, јавува Агенција Анадолија (АА).
На церемонијата на отворањето, на Аеродромот „Ататурк“ присуствуваа министерот за млади и спорт, Мехмет Мухарем Касапоглу, претседателот на Светската конференција на етноспортови, Билал Ердоган, гувернерот на Истанбул, Али Јерликаја и многу граѓани.
Настапија бузкаши тимот „Мехтеран“, претставници на традиционални спортови, тимот за борба на коњи од Казахстан, јавачкиот тим од Карабах, а одржано е и дефиле, по што настапи имаа претставници од неколку земји.
Касапоглу рече дека се вложуваат големи напори во заштита и промоција на традиционалните спортови и дека се горди што еден таков фестивал се одржува и во Туркије.
Тој потсети дека фестивалот од 2016 година, во организација на Светската конфедерација на етноспортови привлече стотици илјади посетители од неколку десетици земји.
Смета дека е многу важно да се заштити традицијата и вредностите и да се сочува културното наследство и богатство и за идните генерации.
Касапоглу додаде дека со поддршка на претседателот на Туркије, Реџеп Таип Ердоган, соработуваат со четири федерации, организираат низа спортски активности поврзани со етноспортови, турско стрелаштво, коњички спортови, традиционално борење и многу други.

„Како и во другите области, и во традиционалните области постигнуваме сѐ поголеми успеси. Од друга страна, настојуваме и целите да ги зголемиме на повисоко ниво“, рече Касапоглу кој е задоволен и со интересот на младите за ваков вид на спортови.
Тој додаде дека Туркије во последните 20 години постигнала значаен замав во спортот, како и во другите области.
Претседателот на Светската конфедерација на етноспортови, Ердоган, е среќен поради одржувањето на петтиот фестивал, кој неколку години не е организиран поради пандемијата со коронавирусот.
„Денеска посегнуваме по своите корени, по живописните култури во светот и кон воспоставувањето посебен афинитет кон нашите традиции. Мораме да се држиме да вредностите кои денес нѐ поврзуваат и нѐ прават она што сме“, смета Ердоган.
Гувернерот на Истанбул, Јерликаја, рече дека младите, благодарение на фестивалот, ќе имаат можност да се запознаат со трагите на цивилизацијата, традиционалните спортови и културното наследство.
Нагласи дека подрачјето Анадолија има долга историја од аспект на уметноста, науката и културата.
На фестивалот се претставени и турски градови, работилници за ракотворби и многу други активности. Четиридневниот настан вклучува стрелаштво, борење, јавање, пеливанство и други традиционални спортови.
На фестивалот ќе се претстават околу илјада учесници од 26 држави, а посетителите ќе имаат можност да ги испробаат традиционалните јадења од сите делови на светот.
Спонзори на фестивалот се и „Туркиш ерлајнс“, „Турк телеком“ Развојна банка и „Спор Тото“.