Во Истанбул завршено најголемото рачно напишано издание на Куранот во светот
– Поранешен ирачки златар помина шест години создавајќи го, според верувањата, најголемото рачно напишано издание на Куранот во светот, во Истанбул, со страници долги 4 метри и широки 1,5 метар
ИСТАНБУЛ (AA) – Поранешен ирачки златар помина шест години создавајќи го, според верувањата, најголемото рачно напишано издание на Куранот во светот, во Истанбул, со страници долги 4 метри и широки 1,5 метар, јавува Анадолу.
Авторот на делото, Али Заман, роден во 1971 година во Сулејманија, Ирак, уште од младост развил страст кон исламската калиграфија.
По напуштањето на златарскиот занает во 2013 година, целосно му се посветил на калиграфското уметничко творештво.
Во 2017 година заедно со семејството се преселил во истанбулската населба Фатих за да ја продолжи работата.

Куранот, изработен целосно со рака со традиционално калем перо во стилот „сулус“ – вид арапска калиграфија – бил завршен по шестгодишна работа.
Секоја страница, кога е отворена, достигнува должина од три метри. Заман избегнувал модерни алатки и внимателно сам ги пишувал сите букви, користејќи ја традиционалната техника.
Сам работел во мала просторија во комплексот на џамијата „Михримах Султан“ во Истанбул, посветувајќи му се на ракописот секој ден, со прекини само за оброци и молитви.
Проектот целосно го финансирал сам.
Заман продолжил да работи и покрај сериозните здравствени проблеми што го принудиле на пауза во 2023 година.
Тој е добитник на голем број меѓународни награди, меѓу кои и први места за калиграфија во стиловите „сулус“ и „несих“ во Сирија, Малезија, Ирак и Турција.
Поседува и лиценца (иџаза) за калиграфија од познати мајстори, а во 2017 година добил награда на Меѓународниот натпревар „Хиље-и Шериф“ во Туција, која му ја врачил претседателот Реџеп Таип Ердоган.
Говорејќи за проектот за Анадолу, Заман изјави:
„Голема радост е да се создаде нешто што малкумина можат или би се осмелиле да го направат. Секоја буква ги носи мојот дух и труд.“
Неговиот син Рекар Заман рече дека семејството се преселило во Турција бидејќи земјата повеќе ги вреднува калиграфијата и исламската уметност отколку Ирак.
Тој додаде дека набавката на соодветни материјали била особено тешка за време на пандемијата на КОВИД-19, но дека ги надминале сите предизвици.
Завршениот ракопис го надминува претходното најголемо познато издание, чија големина изнесувала 2,28 на 1,55 метри.
Семејството планира внимателно да го чува ракописот и се надева дека ќе остане во Турција, како симбол на долготрајната традиција на калиграфија во земјата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
