Alma Dekovic
23 Септември 2024•Ажурирај: 24 Септември 2024
САРАЕВО (АА) - Годинашното издание на фестивалот за документарен филм АЏБ ДОК (AJB DOC) заврши со прогласување на наградата од публиката, доделена на документарниот филм „Таму каде што маслинките плачат“ на Маурицио и Заја Бенацо, јавува Анадолу.
Со доделувањето на наградите заврши седмиот филмски фестивал АЏБ ДОК. Главната награда за најдобар документарен филм по избор на интернационалното жири ја доби „Насмеана Грузија“ на Лука Берадзе, а Програмската награда, награда од Програмскиот оддел на Ал Џезира Балканс, документарниот филм „Цената на земјата“ на Хозе Карлос Соарес, Танју Шахин и Аслихан Екер Чакмак. Се одржа и специјална проекција на филмот „Болница Ал-Шифа: Закопани злосторства“.
Имајќи ја предвид киносалата полна до последно седиште, однапред распродадените проекции, огромниот интерес на гледачите, медиумите и пошироката јавност, како и професионалците од документарната индустрија за 7. филмски фестивал АЏБ ДОК со темата „Justice?“ и доведувањето во прашање на правдата во околината и во светот, доделувањето на наградата од публиката за филмот што ги освои вниманието и срцата на гледачите бараше организаторите на фестивалот да покажат одговорност при пребројувањето на гласовите и објавувањето на конечната одлука. Документарецот „Таму каде што маслинките плачат“ освои посебно место во срцата на гледачите.
Најголемиот број гласови од публиката и вкупната оценка од 4,81 убедливо му припадна на овој трогателен филм за борбата и издржливоста на Палестинците под израелска окупација, кој ги истражува темите на загубата, траумата и потрагата по правда.
Коавторите на филмот Маурицио и Заја Бенацо, по добивањето на оваа вест, изјавија дека се многу почестени и се заблагодарија за укажаната доверба.
„Длабоко сме почестени од наградата на публиката и укажаната доверба. Почестени сме што ја добивме оваа награда. Бевме во солзи гледајќи го видеото од првата вечер, вие како стоите - со овации и палестински транспаренти. Тоа е публика од соништата за секој автор што со срце и проживеано искуство разбира што значи да се доживее геноцид, неправда и борба за сопствената слобода. Наградата на публиката е најдобра бидејќи тоа значи дека на луѓето им се допадна филмот“, рече тој.
Тие, исто така, побараа филмот да продолжи да се шири понатаму.
Со прогласување на наградата од публиката заврши годинашното издание на филмскиот фестивал АЏБ ДОК.