култура и уметност

„Медена земја“ – македонски кандидат за „Оскар“

„Медена земја“ е во трка и за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, што ги доделува „Европската филмска академија“. Тој е во конкуренција од 12 филмови за наградата „Најдобар европски документарец за 2019 година“

Admir Fazlagic  | 27.08.2019 - Обновена : 28.08.2019
„Медена земја“ – македонски кандидат за „Оскар“ (Foto: Arhiva/ AA)

СКОПЈЕ (АА) - Документарецот „Медена земја“ (Honeyland) е македонски кандидат за „Оскар“. За кандидатурата на филмот во режија на Љубо Стефанов и Тамара Котевска одлучи Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ при Друштвото на филмски работници на Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).

Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“, донесе одлука „Медена земја“ да биде национален кандидат во категоријата најдобар странски филм.

Денеска беше соопштено и дека „Медена земја“ е во трка и за уште една престижна награда – за најдобар документарец на „Европските филмски награди“, што ги доделува „Европската филмска академија“. Тој е во конкуренција од 12 филмови за наградата „Најдобар европски документарец за 2019 година“.

Пет од дванаесетте кандидати ќе влезат во потесниот избор, што ќе биде објавен на 9 ноември во Севиља, Шпанија. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членови на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата што ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин.

Документарецот „Медена земја“ деновиве доби уште неколку признанија. Викендов освои гран при на Интернационалниот фестивал за документарци (EIDF) во Кореја (EBS International Documentary Festival/EIDF/D-BOX).

Публиката на неодамна одржаниот „Сараевски филмски фестивал“, го избра „Медена земја“ за најдобар документарец. Според гласовите на гледачите, македонскиот документарец доби вкупна оценка од 4,85, со што стана и најдобро оценет филм прикажан на фестивалот.

Официјалната македонска премиера на документарецот ќе се одржи во среда, на 28 август, во Куршумли ан, на затворањето на 10. издание на Фестивалот за документарни филмови „Македокс“. Истиот ден, во рамки на фестивалот, ќе има проекција и во Младинскиот културен центар.

„Медена земја“ во февруари оваа година беше во официјална конкуренција на престижниот американски Фестивал за независни филмови „Санденс“, во категорија со уште 11 документарци од целиот свет.

Во рамките на „Санденс“, документарецот „Медена земја“ ја доби наградата на жирито за најдобар документарен филм во конкуренција со документарци на светско ниво. Исто така, филмот ја освои и наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography) и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change).

Филмот ја раскажува приказната за Атиџе, Турчинка по потекло, последната жена одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во село што се наоѓа во централниот дел на Република Северна Македонија.

Една од главните пораки на филмот е подигнување на свесноста кај луѓето за средината во која живеат, а режисерите веруваат дека нивното дело е придонес кон подигнувањето на таа свест.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın