Древната џамија од периодот Ал-Андалус останува културен столб во рурална Шпанија
- Таа е една од најстарите зачувани рурални џамии на европскиот континент и го одразува архитектонското и културното наследство од муслиманското владеење на Пиринејскиот Полуостров
УЕЛВА (АА) - Во малото гратче Алмонастер ла Реал, во шпанската покраина Уелва, се наоѓа џамија чии темели се поставени на исламскиот период Aл-Андалус, меѓу 711 и 1492 година, а изградена е во 9 и 10 век, јавува Анадолу.
Таа е една од најстарите зачувани рурални џамии на европскиот континент и го одразува архитектонското и културното наследство од муслиманското владеење на Пиринејскиот Полуостров.
Објектот, подигнат за време на владеењето на Абд ал-Рахман Трети, период на врвен просперитет за исламската држава, наедно е и единствена рурална џамија во Шпанија што опстанала повеќе од 1.000 години со речиси непроменет оригинален дизајн.
Алмонастер ла Реал бил под муслиманска власт четири века, пред да падне во рацете на христијанските сили во 13 век.
Иако градбата била оштетена при пренамената во црква од страна на католичките монарси, трагите од првобитната џамија остануваат видливи, со што претставува еден од највпечатливите културни патокази на овој регион.
Џамијата, која е лоцирана на рид што се издигнува над гратчето, во населба со околу 1.000 жители, нуди панорамски поглед кон околниот природен парк. Во внатрешноста на еден столб сè уште стои натписот „Нема друг бог освен Алах, а Мухамед е неговиот пратеник”, кој останал видлив низ вековите, речиси цел еден милениум.
- Градбата буди моќно чувство за историјата
Рафаел Хернандез Манча, шпански пензиониран професор во средно училиште, кој пред 38 години го прифатил исламот и ја избрал токму оваа џамија за да ја изговори својата шехада, вели дека градбата буди моќно чувство за историјата.
Хернандез ја опишува атмосферата како вонвременска, истакнувајќи дека повеќевековниот натпис на влезот сè уште му предизвикува длабоки емоции.
Тој забележува дека по падот на Ал-Андалус, католичките владетели ја пренамениле џамијата во црква и оштетиле делови од градбата, вклучително и нејзините потковичести лакови во омајадски стил, како и архитектонските елементи што првично биле преземени и пренаменети од римски и визиготски структури.
Хернандез, исто така, го истакна трајното влијание на арапската култура врз современа Шпанија, забележувајќи дека речиси 10 проценти од шпанскиот вокабулар влече арапски корени.
Многу топоними, меѓу кои Алмонастер, Арасена, Севиља, Кордоба, Гранада, Гвадалкивир и Толедо, го пресликуваат ова наследство. Тој додаде дека дури и презимето на шпанската тениска ѕвезда Карлос Алкараз потекнува од арапскиот збор за цреша, забележувајќи дека имињата со арапско потекло сè повеќе го освојуваат шпанскиот простор, каде што многумина со благонаклонетост гледаат на периодот Ал-Андалус.
- Секоја година повеќе од 100.000 туристи го посетуваат локалитетот
Марија Хозе Мартин Анарте, општинска службеничка за туризам и културни прашања, истакна дека џамијата е во средиштето на секојдневниот живот на гратчето.
Секоја година повеќе од 100.000 туристи го посетуваат локалитетот. Анарте нагласи дека објектот никогаш не бил цел на вандализам бидејќи жителите го гледаат како наследство на кое му е потребна заштита.
Изминативе 25 години секој октомври гратчето е домаќин на „Деновите на исламската култура“, пречекувајќи научници од Гранада, Севиља и Мадрид на семинари, преплетени со мирисите на традиционалната кујна и звуците на ориенталниот мелос.
Во тие денови, под сводовите на древното здание, муслиманите се собираат на заедничка молитва.
Анарте истакна дека локалните жители имаат длабока свест за историскиот завет да се зачува оваа џамија, чии корени допираат до далечниот 9 век.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
