ИСТАНБУЛ (АА) - Фоторепортерот на „Ројтерс“, Мухамед Салем, ја освои наградата „Фотографија на годината“ на Меѓународниот натпревар „Istanbul Photo Awards 2024“, организиран по десетти пат од Анадолу.
На натпреварот, на кој беа пријавени повеќе од 20.000 фотографии, беа наградени 32 фотографи во десет категории.
Фотографијата на Салем со наслов „Палестинка го гушка мртвото тело на својата внука“ е прогласена за најдобра меѓу фотографиите пристигнати од целиот свет.
На фотографијата, 36-годишната Палестинка Инас Абу Мамар го гушка мртвото тело на нејзината петгодишна внука Сали, која е убиена во израелски напад во болницата Насер во Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа.

Победниците на „Istanbul Photo Awards“, кој стана глобална платформа со 18.000 пријавени фотографи, ги одреди меѓународното жири составено од престижни имиња од светот на фотографијата.
Годинашното жири за престижниот меѓународен натпревар за фотографии го сочинуваа фотографката на Нејшнал џеографик и режисерка Ами Витале, фоторепортерката Керол Гузи, фоторепортерот на „НООР“ Јури Козирев, фоторепортерот на „Глоуб и мејл“ Горан Томашевиќ, фотографката Марион Мертенс, спортскиот консултант за визуелни медиуми Мајкл Скот, фоторепортерот од „Гети Имиџес“ Камерон Спенсер, фоторепортерот Ахмет Сел и директорот на „Анадолу Вижуал Њуз“, Фират Јурдакул.
Во соопштението на жирито кое се собра онлајн се вели дека за време на елиминирањето преку специјалната платформа подготвена од тимот за информациски технологии на Анадолу, било многу тешко да се донесе одлука за најдобрите фотографии со оглед на нивниот исклучително висок квалитет.
- Махмуд Хамс најдобар во категоријата „Серија вести“ -
Меѓу другите наградувани фотографии, во категоријата „Серија вести“, фотографот на Асошиетед прес (АП), Махмуд Хамс, освои прво место за неговата серија фотографии за нападите на Израел врз Газа.

Фоторепортерот Лука Бетини освои прво место во категоријата „Поединечен спорт“ со својата работа во која го документираше швајцарскиот велосипедист Стефан Кунг, кој се судри на Европското друмско првенство на УЕЦ 2023 година, како ја продолжува трката со крваво лице и скршен шлем.
Фотографот на агенцијата „Франс прес“, Џеф Пашуд, освои прво место во категоријата „Спортска фотоприказна“ со своите фотографии од женската велосипедска трка во Франција.

Минчијанг Лу освои прва награда во категоријата „Поединечна фотографија за природата и животната средина“ за неговата фотографија на слонови што бараат храна во куп ѓубре во Шри Ланка.

Жирито за победник во категоријата „Серија фотографии од природата и животната средина“ го прогласи Гари Лотулунг што на дневен ред ја донесе приказната за природен резерват погоден од ископување на никел.

„Istanbul Photo Awards“ со години привлекува голем интерес од хонорарните фотографи, како и од новинските организации. На натпреварот може да се пријават само професионални фотографи.
- Доделени вкупно 30 награди во 10 категории -
Победник во категоријата „Поединечен портрет“ беше Емеке Обанор, која го привлече вниманието на штетноста од користењето пластични кеси.

Ана Сурињах освои прва награда во категоријата „Серии Портрет“ со нејзиното дело „Море на жалост“.

Во категоријата „Поединечна фотографија од животот“, фотографот на Асошиетед прес (АП), Ебрахим Норузи, освои прва награда со својата фотографија од авганистански деца во бегалски камп.

Фотографот на „Политикен“, Мадс Нисен, освои прво место во категоријата „Серија фотографии од животот“ за неговата работа за мексиканските криминални организации.

Со 30 награди доделени во 10 категории, жирито по повод 10-годишнината од натпреварот го награди Раџендра Мохан за неговата работа на темата дискриминација на индиските вдовици и фотографот на агенцијата Франс Прес (АФП), Самер Ал-Думи, кој го документираше земјотресот во Туркије.

На натпреварот, на кој беа доделени вкупно 60.000 долари, првонаградените во сите категории ќе добијат и фотоапарат Сони Алфа A7 III.
Оваа година натпреварот беше организиран под комуникациско покровителство на Турксел, поддржан од Сони како спонзор за награди, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) како меѓународен спонзор и Туркиш ерлајнс (THY) како делумен спонзор за превозот.

„Istanbul Photo Awards“ со години привлекува голем интерес од хонорарните фотографи, како и од новинските организации. На натпреварот можат да се пријават само професионални фотографи.
Информации за наградените фотографии и членовите на жирито може да се најдат на „istanbulphotoawards.com“.