Jeyhun Aliyev
21 Август 2021•Ажурирај: 23 Август 2021
АНКАРА (АА) - Турското Министерство за внатрешни работи издаде циркулар со кој соопшти дека од оние кои не се вакцинирани ќе се бара да приложат негативен ПЦР-тест од почетокот на следниот месец за да можат да бидат дел од одредени јавни активности, јавува Агенција Анадолија (АА).
Од 6 септември, негативен ПЦР-тест ќе биде задолжителен за оние кои не се вакцинирани или не го прележале вирусот, за да можат да влезат на концерти, во кина и театри.
Организаторите на ваквиот вид јавни настани ќе можат да проверат преку HES-кодот на посетителот - системот за следење на контакти - дали лицата се вакцинирани, дали го прележале вирусот, да се провери периодот од прележувањето на болеста или дали имаат негативен ПЦР-тест не постар од 48 часа.
„Ако лицето сè уште го нема прележано вирусот, не е вакцинирано, или нема негативен ПЦР-тест, нема да му биде дозволено да влезе и да присуствува на настанот“, се вели во циркуларот.
Од невакцинираните лица и од оние кои не го прележале вирусот ќе се бара негативен ПЦР-тест и за меѓуградски патувања со авиони, автобуси, возови или други возила за јавен превоз, со исклучок на приватните возила.
„На оние лица кои не ги исполнуваат споменатите критериуми нема да им бидат дозволени меѓуградските патувања“, се додава.
Во циркуларот се нагласува и дека најмоќниот елемент во борбата против пандемијата и за минимизирање на ризикот од вирусот за јавното здравје и за јавниот ред е вакцинацијата што се спроведува доброволно, како и хигиената, носењето маски и социјалната дистанца.
Министерството истакна дека бројот на случаи, пациенти и смртни случаи предизвикани од пандемијата е на ниско ниво кај оние што ја комплетирале вакцинацијата.