Jeyhun Aliyev
27 Април 2020•Ажурирај: 28 Април 2020
АНКАРА (АА) - Турција до сега има испратено помош во најмалку 57 земји ширум светот за да им помогне во нивната борба против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Обезбедивме поддршка со медицински материјали за 57 земји“, изјави турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушголу во саботата.
Додека се бори со вирусот на домашен терен преземајќи рестриктивни мерки, Турција продолжува на другите земји да им испраќа помош во вид на медицински материјали.
Откако доби барања за помош од над 100 земји, Турција испрати помош во вид на медицински материјали и заштитна опрема во пет континенти, вклучувајќи ги тука и земјите кои се најтешко погодени од вирусот, како што се Велика Британија, Италија и Шпанија.
За да ги поддржи напорите против пандемијата, Турција достави медицинска помош во Германија, Унгарија, Полска, Молдавија, Азербејџан, Грузија, како и балканските држави како Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Црна Гора, Северна Македонија, Бугарија и Косово, како и Турска Република Северен Кипар.
Меѓу другите, Турција испрати и медицински материјали во САД, Колумбија, Иран, Ирак, Либија, Либан, Палестина, Израел, Тунис, Алжир, Јемен, Пакистан, Авганистан, Бангладеш, Киргистан, Кина, Индонезија и Филипините.
Не занемарувајќи ја Африка, Турција исто така испрати помош на Судан, Гвинеја, Сомалија, Уганда, Лесото и Мозамбик.
Пакетите за помош вклучуваат предмети како што се комплети за тестирање, медицински маски, заштитни комбинезони, ракавици и средства за дезинфекција.
Минатата недела рускиот министер за здравство Михаил Мурашко му се заблагодари на својот турски колега Фахретин Коџа за доставената помош.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на 13 април изјави дека неговата земја испорачала помош на десетици земји за да им помогне во борбата против пандемијата, додавајќи дека оваа поддршка ќе продолжи и во наредните денови.
„Ако чувствуваш болка жив си, ако можеш да ја почувствуваш болката на другите тогаш си човек“, Ердоган ја цитираше оваа изрека, велејќи дека неговата земји го споделува она што го има со сите свои пријатели.
Претходно овој месец, регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, ѝ се заблагодари на Турција што им помогнала на многу земји и покажала „меѓународна солидарност“ за време на пандемијата.
Вирусот Ковид-19 најпрвин се појави во Вухан, Кина, во декември 2019 година и досега се рашири во околу 200 земји низ светот, пренасочувајќи го епицентарот на заразата кон Европа и САД.
Пандемијата во светот досега зеде над 207.400 животи, бројот на дијагностицирани случаи со вирусот изнесува до 3 милиони, додека над 875.400 заболени оздравеа, покажуваат податоците на американскиот Универзитет „Џонс Хопкинс“.